| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија првпат се почувствував безбеден

Забдиел Меија е момче од Ел Салвадор кое од 2014 година живее во Македонија, Охрид. Одлуката да дојде и да живее во Македонија ја донел поради неговото стипендирано образование кое го добил од нашата земја. Забдиел за „Република“ открива дека најмногу се плашел дали ќе се привикне на климата што ќе ја затекне овде бидејќи доаѓа од земја каде што постојано е лето. Тој овде првпат видел снег, но, исто така, овде првпат се почувствувал и безбеден. Вели дека топлината што ја добива од пријателите во Македонија му создава чувство дека оваа земја е неговиот втор дом

Кога првпат дојдовте во Македонија?

Беше 2014 година и јас бев многу нервозен бидејќи никогаш порано немав живеено во Европа. И според малото истражување кое го имав направено претходно, сфатив дека ќе биде голема промена за мене. Првото за што бев загрижен беше времето бидејќи во Ел Салвадор цела година е лето, нема есен, нема зима. Со мене понесов многу облека за да се осигурам дека ќе ми биде доволно топло. Со текот на времето како човек кој цел живот живеел со летни температури, сега уживам во зимата многу повеќе. Денес ја сакам зимата повеќе од летото.
Првиот лет од Ел Салвадор до Македонија ми траеше околу два дена. Од моментот кога ги видов планините, низините на Македонија почнав да чувствувам возбуда. Од начинот на кој изгледаа дрвјата, до почвата под моите нозе, сѐ беше поинаку. Многу поинакво од дома. Бев пресреќен, изненаден и заинтригиран од сите различни работи кои ги видов.
За мене сѐ беше ново, поразлично, дури ми се допаѓаат гавраните на улиците, како е изградено Скопје, природата наоколу…
Не можете да го замислите мојот лик кога првпат во животот видов снег. Тоа беше една од најубавите работи што моите очи ги виделе и моите раце ги допреле. Толку студен, а во исто време нежен и тивок. Живеам во Охрид и снежните денови во овој град се најсреќните денови поминати за мене овде. Покрај денот кога мојата пријателка Адријана минатиот Божик дојде дури од Ел Салвадор во Македонија за да ме посети.

Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура од Македонија. Беше ли тешко да се приспособите на начинот на живот овде?

el salvador2

Ел Салвадор е убава земја, но има и многу недостатоци кои, за жал, се секојдневие на луѓето што живеат таму. Еден од најголемите недостатоци во таа земја е криминалот. Таму никогаш не се чувствувате безбеден. На пример, кога користите јавен превоз, ве следи стравот да не ве нападнат локалните банди или „мареро“ како што ние ги нарекуваме. Крадење на паричникот или на мобилниот телефон е секојдневие кај нас. За мене беше многу чудно да се навикнам дека можам ноќе слободно да шетам по улици без да чувствувам страв. Беше навистина убаво човек да има можност да се адаптира на таков живот.
Друга работа што навистина ме изненади е славењето на Божик и на Нова година. Бидејќи во Ел Салвадор живеат повеќе католици, се изненадив што овде за време на Божиќ не се приготвува мисирка или по вечерата нема традиција на небо да се гледаат огномети. Дури и храната, музиката, па и самиот ден поинаку се одбележува од начинот на кој јас бев навикнат. Не беше тешко да ги прифатам новините. Бидејќи на тој ден луѓето овде ти пружаат поинакво чувство кое ти овозможува да ја почувствуваш семејната топлина. Тука е и јазикот кој и денес ми создава тешкотии за време на мојот престој овде. Разбирам, но сѐ уште ми е тешко да се изразам целосно на македонски, но решен да научам.

El salvador3

Дали Македонците знаат да подадат рака кога е потребно?

Цело време го прават тоа. Според мене, Македонците се најдобрите луѓе во светот. Дури добив помош од стара госпоѓа која не ме разбираше поради јазикот што точно ми треба, но не се откажа и на крај најде начин и ми помогна. Дури и без причина ми подари и јаболко што навистина пријатно ме изненади.

Дали Ви се допаѓа македонската традиционална кујна?

Да, ја обожувам македонската храна. Омилени ми се ајварот, сармата, тавче-гравче. И не можам да бидам стопроцентно сигурен дали се македонски, но многу сакам ќебапи. Другата храна во која уживам тука е бурекот, толку едноставен, а многу вкусен. Ме потсетува на јадењето кое го има и кај нас во Ел Салвадор, го викаме пупусас. И тој, исто така како и бурекот овде, се јаде во секое време од денот.

El salvador4

Имате ли слободно време за да ја истражите Македонија? Кое е местото кое, според Вас, секој што доаѓа овде треба да го посети?

Поради универзитетските обврски, јас навистина немам многу време за да ја истражам Македонија. Но, минатата година во декември на посета ми дојде мојата најдобра другарка и имавме цел месец за да ѝ покажам колку што можам од убавините на Македонија. Видовме сѐ што може да понуди Охрид, ги посетивме Струга и Скопје. Имавме план и да отидеме во Маврово, но ни беше кратко времето. Најубава ми е Матка во Скопје, македонските села и реката Дрим во Струга, која е навистина прекрасна. Секако тука е и Охрид, кој е величествен, има толку многу места да се видат и доживеат во овој град. Навистина не можам да одвојам што ми е омилено во Охрид затоа што е совршен. Мојата пријателка го засака исто колку и јас, вели дека и недостига и сака повторно да се врати.

Дали Ви недостига Вашата родна земја?

Да. Како и на сите што доаѓаат од друга земја. Но, Охрид ми создава чувство како да сум дома. Луѓето овде се големи пријатели и со нив е исто како никогаш да не сум го напуштил својот дом. Кога ќе треба да се вратам во Ел Салвадор, мене навистина ќе ми недостигаат моите омилени ресторани овде, пријателите, езерото, фудбалот, бурекот. Сега имам два дома.

Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?

Засега да, додека да ги завршам студиите. Потоа ќе видиме иднината што ќе донесе, дали ќе останам или ќе се вратам. Но, како и да е, јас секогаш ќе ја носам Македонија во моето срце и ако се вратам во Ел Салвадор, ќе доаѓам да ја посетувам.

El salvador5

Пишува: К.Н.К

(Текстот е објавен во 245 број на Неделник „Република“)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top