На денешен ден пред седум години Горан Пандев стана третиот Македонец кој успеа да го освои трофејот од Лигата на шампионите, откако во финалето во Мадрид неговиот Интер славеше победа од 2-0 над германскиот гигант, Баерн Минхен.
Тогаш Интер беше предводен од Жозе Мурињо, а нашиот капитен иако беше новајлија во тимот беше еден од клучните играчи во таа сезона на „нероазурите“. Во финалето одиграно на „Сантијаго Бернабеу“ Пандев истрча од првата минута, а двата гола беа дело на Диего Милито, од кои сè уште се зборува за вториот, кога со велемајсторски дриблинг му ја „скрши“ кичмата на Ван Бујтен и рутински реализира.
Таа сезона покрај трофејот во Лигата на шампионите, Пандев се закити и со трофеите од Серија А и Купот на Италија. Струмичанецот во Интер остана до 2012 година, одигра 47 натпревари во кои постигна 6 гола, а тоа лето премина во редовите на Наполи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.