Од парламентарните избори во 2014 година Македонија имаше ретка можност три години да тапка во место, одвреме-навреме враќајќи се неколку чекори назад во развојот на демократијата со една цел – СДС да се дограби до власт по секоја цена и без да се почитува волјата на народот изразена на парламентарни избори.
Цената на „по секоја цена“, секако, ја плати народот. Од својот џеб и по неговиот грб. Но, да одиме со ред.
СДС не ги призна резултатите од двојните парламентарни и претседателски избори во 2014 година и реши да не влегува во Собранието. Сѐ додека Договорот од Пржино не им обезбеди „полувласт“ со техничка влада, пратениците на СДС нишаа врата и земаа плата.
На улица ги извадија студентите, кои, божем, излегле за своите права, па децата средношколци, политички се ангажираа, исто така, за своите права. На улица правда бараа и хонорарците, но во заднината и овој пат се наѕираа контурите на розата-тупаница.
Улицата стана место и за пресметка и за собирање членство за новите политички амбиции меѓу Албанците, се злоупотреби судскиот процес „Монструм“.
Следната година почна со невидена ароганција на немоќната гладна опозиција – Заев го уценува Груевски со тајно снимени телефонски разговори, кои ги добил од странски служби. Власта, пак, поднесе кривична пријава за „шпионажа и насилство на претставници на највисоки државни организации“.
Во февруари со фанфари СДС почна со објавување монтирани аудиоматеријали. Организира и собир во Универзалната сала во Скопје, а го чепнаа и Бранко Црвенковски, колку да се сети да седи мадро.
На 2 мај партијата одржа конгрес во Куманово.
38 повредени полицајци со бекатон-плочки, метални прачки и шишиња, руиниран државен имот, искинато македонско знаме и три ефективни и 11 условни затворски казни – епилогот на насилните протести на 5 мај пред Владата. Луѓето беа дојдени подготвени. Дојдоа да ја предизвикаат полицијата да има немири и да претстават дека полицијата го тепа народот.
Уште беше свежа крвта на осумте полицајци што го положија животот на 9 мај во Куманово во полициската акција против терористичка група во населбата Диво Насеље, кога СДС на 17 мај организира протест во Скопје, на кој доби „поддршка” од 113. косовска бригада, на кој се слушаа скандирања „УЧК, УЧК“, се вееја знамиња на Голема Албанија. Поддршката за 113. бригата е, всушност, поддршка за терористите што беа разбиени во Куманово, бидејќи најголемиот број од нив беа членови на оваа расформирана бригада. Луѓето со кои се прегрнуваше Заев беа поддржувачи на терористите во чијашто акција за разбивање загинаа осумтемина македонски полицајци.
Два милиона Македонци видоа како струмичкиот градоначалник бара мито од 200.000 евра од сограѓанин, бизнисмен.
Договорот од Пржино од 2 јуни требаше да даде основа за надминување на кризата со предвремени избори на 24 април 2016 година. Сведоци сме дека тој договор не успеа.
„По 60 дена протесно кампување, се расформира Кампот на слободата пред зградата на македонската влада, се собираат шаторите, столовите…“. Опозицијата зад себе остави штета од еден милион денари. Кампот се растури по договорот за законско решение со кое 100 дена пред секои избори на сцена ќе настапи преоден премиер.
Во септември 2015 година опозицијата се врати во Собранието, а потоа во владата седнаа технички министри и заменици-министри, се воведе терминот „вето од дополнителниот заменик-министер“, нови функции, лик и ингеренции на ДИК, СЈО, па нови закони за да може сето тоа да функционира…
Во меѓувреме Заев си ја практикува старата навика – си лаже. Официјален Израел испрати остар демант по интервјуто на Заев по средбите во Израел. Средбата со Заев била „куса и куртоазна“.
Специјално јавно обвинителство и Катица Јанева. Иако требаше да биде независно тело, игра по променливите правила на СДС.
Годината приврши со нов стрес – „Фабрика за афери“. „Фалсификуваните пасоши“ од минатата година на идентичен начин добија продолжение – со откривање фалсификувани лични карти. Брзата акција на обвинителството „ја подели“ полицијата – откри фабрика за изработка на документи кај членови на СДС, блиски до Заев и до министерот Спасовски, кој молчи иако на функцијата дојде со најава за решавање на овој случај.
Термините „редефинирање“, „кантонизација“ и „федерализација“ ја обележаа годината во која Македонија го преживеа најголемиот удар на државноста. Резултатите од изборната игра од 365 дена нѐ внесуваат во година на долги преговори. Трипати договарани, двапати одложувани избори, целата година беше подготовка за изборниот инженеринг во кој е втурната државата со крајна цел – нејзино дефинитивно разнебитување и газење врз Македонецот со барања за откажување од државните симболи и од името.
СЈО не даде одговор за тоа кој прислушувал и каде исчезнаа 500.000 разговори. СЈО не даде одговор ниту каде ги троши парите додека Јанева бараше Собранието, кое не го признава, да ѝ го продолжи мандатот.
Преку обид за воведување секојдневна улична демократија, неколку пати беше избегнат отворен судир меѓу граѓаните, но и заземање институции. Главна улога имаа продолжената рака на СДС и финансиерот Сорос, лажниот граѓански концепт „Шарена револуција“.
По неколкуте протести пред Уставниот суд се најави обид за заземање на институцијата, по што се организираше друга група, која дежураше пред објектот. Меѓу двете насобрани толпи беше поставено силно полициско обезбедување, додека актуелниот технички министер во МВР ја предводеше групата што насила сакаше да урне еден од столбовите на државата. Како иницијална каписла за насилство беше искористена одлуката за аболиција кога насилството организирано се излеа прво пред народната канцеларија на претседателот на РМ, а потоа секојдневно беа напаѓани институции, споменици, културни обележја од лажниот граѓански сектор, кој потоа си најде свое место на пратеничките листи на СДС. Не смее да се заборави дека со почетокот на насилствата, палењата и кршењата, Зоран Заев спомнуваше украинско сценарио.
Кон крајот на јуни кога беше исцениран обид за уривање на споменик спроти Собранието за да се предизвика отворен судир со полицијата. И додека траеше уништувањето на институциите со боење и со кршење, во што отворено учествуваше СДС, на годишнината од „Диво Насеље“ демонстрантите им посакаа на полицајците „Куманово да ви се деси“.
Првите обиди за ескалација на состојбата се покажаа преку незаконското ангажирање на „алфите“ кога Јанева од влегувањето во МВР направи спектакл, но и со дејствувањето на незаконските кадровски решенија на сите нивоа воопшто.
ДИК, под раководство на Чичаковски од СДС, со објавувањето на непрочистените списоци добиени од МВР под техничко министерување на Спасовски беше во функција на „фантомизирање“ на гласачите иако на него се најдоа многу звучни имиња од СДС.
Изборите предвидени за 24 април се одржаа на 11 декември, а изборниот циклус заврши со јавниот спектакл на ДИК за одлуката за прегласување на едно место во тетовско Теарце.
Новата година почна со потпишувањето на тиранската платформа на албанските партии од Македонија на чело со Еди Рама. СДС никогаш јавно не се откажа од овој срамен документ, а Заев не гледаше ништо лошо во него.
За сето ова време на лудило за Пендаровски, Фрчкоски, Најчевска, Рашковски народот беше „безмозочно стадо овци, кое треба да се преваспита со неколку шамари“, Едмонд Адеми посакуваше крвави улици, а за Чомовски инсистирањето на концептот „македонскиот како единствен службен јазик“ беше фашизоиден. (Р.Р.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.