Во сегашната реалност војниците што доаѓаат не се Руси, туку Американци, тие не доаѓаат на остров, туку на Косово, а попрецизно е да се каже дека тие се враќаат место дека доаѓаат. Пристигнувањето на 130 американски војници припадници на доброобучени и опремени единици на армијата на САД, кои се специјализирани за вонредни безбедносни интервенции, не би требало да предизвика никакви посебни интереси на регионалната и на светската јавност затоа што тие не се ниту првите ниту единствените американски и западни војници што се стационирани на Косово. Во моментов во поранешната југословенска покраина има повеќе од 4.600 војници на НАТО, од кои повеќе од 500 се од САД.
Зошто пристигнувањето на новиот контингент американски војници има поголемо значење од обична промена на составот на воената мисија на САД во мултинационалната единица во која членуваат 31 држава, на сите им е јасно. Регионот се соочува со нови безбедносни предизвици откако албански и косовски политичари почнаа јавно да говорат за менување на границите на Балканот, а Србија набави современо и моќно руско оружје кое никој во Србија нема да го чува на страна доколку Белград се почувствува загрозен.
Доколку ситуацијата е крајно сериозна за да се испраќа нова војска, нејасно е зошто оваа тензија не се реши со дипломатски чекори, како повикување на косовскиот, српскиот или албанскиот амбасадор во Вашингтон, каде што во Стејт департментот ќе им биде прецизно кажано дека границите во регионот се завршена приказна. Или зошто Рамуш Харадинај сѐ уште не е ставен на „црната листа“ на САД поради неговите најави за општа војна.
Теоретичарите на војната и дипломатијата знаат дека кога бирократите не можат да ги надминат проблемите, тогаш во игра влегуваат војници, но и ова сценарио е малку веројатно затоа што 130 нови војници не можат ниту да спречат ниту да променат нешто во односот на силите во регионот доколку, како што најавуваат пред сѐ српските и руските медиуми, почне вооружен судир меѓу косовските радикали и српските сили во Прешевската Долина, каде што засега е најсилен притисокот, дури поголем и од српската енклава во северно Косово, која со години важеше за една од најексплозивните локации на европскиот контингент.
Едно од сценаријата кое, исто така, се наметнува по средбата Тајлерсон – Лавров и Трамп – Лавров во Вашингтон е дека за потегот на САД на Косово има договор меѓу двете суперсили и дека новите војници нема да предизвикаат контрачекори од руска, односно од српска страна, што е предуслов евентуалната нестабилност на Косово да се лимитира во рамки на постојните граници без да се шири надвор од поранешната српска покраина. Ова сценарио е од особена важност за Македонија затоа што доколку постои каков било вид договор меѓу Москва и Вашингтон за смирување на страстите во регионот, тоа може и краткорочно и долгорочно да ги намали тензиите дури и ако навистина Харадинај се обиде да го освои Ниш, можност што во моментов е сведена на обична шега.
Предупредувања од Русија
Она што за набљудувачите е особено интересно е тоа што пристигнувањето на новите војници на САД се совпаѓа со објавата на сценариото на руски медиуми блиски до Кремљ, кои предвидуваат жежок јуни. Весникот „Ивестија“, кој важи за „сенационален руски весник“ и кој до пред некоја година беше во сопственост на рускиот енергетски гигант во државна сопственост „Газпром“, веќе навести дека во јуни по предвремените парламентарни избори на Косово и редовните во Албанија се можни сериозни предизвици во и околу Косово и Албанија. Според „Известија“, која има одлични врски со руските служби за разузнавање и контраразузнавање, по вонредните избори на 11 јуни на власт во Приштина ќе дојде екстремна влада, најверојатно, составена од движењето „Самоопределување“ и Рамуш Харадинај, кои се залагаат за одржување референдум за обединување на Косово и на Албанија, а со отворени очи сонуваат за припојување на Албанците од Јужна Србија.
Во овој контекст не треба да се заборави дека седум водечки членови на „Самоопределување“, покрај косовско, имаат и албанско државјанство издадено од страна на претседателот на Албанија, Бујар Нишани, што на сите во регионот им испраќа посебни сигнали за тоа како ќе се однесува Албанија во случај нивните формални граѓани да почнат битка за сеалбанско обединување.
Сигналите и пораките се (не)јасни
Кога се зборува за сигнали и пораки со чекорите преземени или непреземени од различните актери во балканската и во глобалната политика, мора да се каже дека САД со испраќањето нови 130 војници упатуваат низа различни пораки до сите во регионот. Според логиката на работите, во ситуација кога ниту еден албански и косовски лидер нема добиено забрана за патување во САД и во ЕУ, ниту има замрзнат имот во западни држави иако со своето поведение јасно работат против стабилност на западниот Балкан, Вашингтон ќе бара други начини да ги стави под контрола непослушните политичари.
Во отсуство на јасна волја јавно да се нарушат односите меѓу САД и албанскиот фактор, кој е нивни најверен сојузник, не се исклучува дека администрацијата на Трамп ќе се обиде однатре да влијае врз однесувањето на косовската влада, која и да е таа. Испраќањето дополнителен контингент војници значи директна порака дека косовската армија не може да биде формирана во догледно време, најмалку додека не се стабилизираат односите со Србија.
Една чета војници на САД во воена смисла не значат ништо, но во симболичка смисла нивното пристигнување значи многу затоа што и на Косовците, и на Србите, и на Македонците САД им порачуваат дека не го занемариле западниот Балкан и дека наскоро по целосното преземање на позициите на администрацијата на Трамп може да се очекуваат зголемени политички, економски и дипломатски напори за стабилизација на вознемирениот регион. Во тој контекст не треба да нѐ зачуди ако 130-те војници се само дипломатски чекор со кој треба да се добие на време.
Во последниот чекор на Вашингтон има пораки и за Србија, која дополнително треба да ги олабави безбедносните процедури кои важат во Прешевската Долина, а на кои се жалат Албанците до Русија и Турција, кои постепено го пополнуваат политичкиот, економскиот и безбедносниот вакуум на Балканот, но и до Европската унија, која создава нестабилност со колебањето да воведе ново ниво на интеграција на земјите од регионот.
Црни сценарија
За жал, историјата на Балканот досега ни покажува дека црните сценарија секогаш преовладуваат пред среќните приказни. Ако се анализира од таа почетна точка, тогаш ниту на Косово ниту на Србија, а уште помалку на Македонија, им се пишува добро. Испраќањето на војниците може да значи дека САД испраќаат сили што треба да ги заштитат нивните инсталации на Косово кои ќе бидат на удар во евентуален судир. Тоа индиректно значи дека САД немаат контрола на растечкиот национализам и дека не можат да се справат со апетитите на албанските и на косовските власти кои сакаат да се обединат по секоја цена. Политиката на изолационизам, која во предизборието ја декларираше Доналд Трамп, ги поткрепува овие сценарија, според кои САД нема да трошат ресурси ниту нивни војници ќе гинат на терени каде што директно не се брани американскиот суверенитет или интегритет. А, Косово или Јужна Србија, иако имаат значителни количини јаглен и се важна сообраќајна крстосница преку која може да пенетрираат здружените руски и кинески државни корпорации, не се Кувајт, Венецуела или Либија, каде што САД ги бранат својата енергетска иднина и економија.
Ова сценарио е катастрофално за сите во регионот затоа што, практично, значи дозвола за општа тепачка во регионот по принципот победникот добива сѐ, а САД ќе го признаат победникот. Ако ова сценарио е во игра, Македонија и новата влада мора да се подготват за сериозни удари. Пред сѐ од оние македонски политичари што својата и иднината на своите деца ја гледаат во Голема Албанија, а не во унитарна Македонија. Иако треба да се биде реален дека најголем дел од албанските политичари сакаат да бидат рамноправни граѓани на Македонија, мора да се каже дека уште поголем дел од нив немаат храброст да се спротивстават на великоалбанската тензија што им доаѓа и допрва ќе им пристигнува од нивните браќа преку западната и северната граница. Во ова сценарио една од главните улоги ќе ја има и партнерот на Рамуш Харадинај од СМС пораките објавени пред некоја година, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој како нов премиер ќе треба да го спречи секој обид на албанските радикали да ја втурнат Македонија во нов конфликт.
(Текст објавен во 246. број на неделникот Република, 19.05.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Русија има подготвен одговор ако САД постават база во Полска
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба