| четврток, 6 декември 2018 |

Реал Мадрид трумфално низ Виго, потребен е бод во последното коло за титула во Примера (видео)

kristijano ronaldo

Во заостанатиот натпревар од 21. коло на Примера, фудбалерите на Реал Мадрид на „Балаидос“ во Виго ја совладаа Селта Виго со 1-4 и се доближија на само еден бод од освојување на шампионската титула. Во последното коло, „кралскиот клуб“ игра на гостински терен против Малага и ќе му биде потребен барем еден бод, за да ја верификува титулата шампион на Шпанија.

Кристијано Роналдо ја продолжи голгетерската низа во периодот на крајот од сезоната кога е најпотребно. Тој блесна еќе во 10. минута, кога со прекрасен удар од дваесетина метри го матираше домашниот голман. Селта играше офанзивно, се обиде да стигне до израмнување, но по една слаба реакција на Гвидети на стартот од второто полувреме стигна казна, Иско извонредно повлече контранапад и го проигра Роналдо, а португалскиот ас беспрекорно ја смести топката во долниот агол од голот на гостите.

Сите шанси за камбек исчезнаа во 61. минута, кога по еден сомнителен дуел Рамос – Аспас судијата не само што не досуди пенал за Селта, туку и му покажа втор жолт картон на домашниот напаѓач, испраќајќи го кон соблекувалните. Домашните збеснаа откако една минута подоцна на спротивната страна имаше многу слична ситуација кога Роналдо се испружи на земјата, но судијата немаше храброст да му покаже ниту жолт картон на најдобриот фудбалер на Реал.

real madrid

Продолжението мина во тензично расположение на играчите на Селта, кои протестирајќи на судискиот критериум добија уште неколку жолти картони. Сепак, тоа им даде мотив повеќе да тргнат во офанзива, па и да ја преполоват предноста на Реал откако ударот на Гвидети го закачи Варан и заврши зад грбот на Кејлор Навас. Сепак, домаќините платија за премногу отворената игра, па по една загубена топка на средината од теренот Реал организираше одличен напад што Бензема на додавање на Марсело го претвори во гол за 1-3. Играта на Селта тотално се распадна, Реал промаши неколку зицери, пред Тони Крос со прецизен удар во финишот да ги постави конечните 1-4.

Реал Мадрид со овој триумф сега има три бода предност во однос на Барселона, па во последното коло, на гостински терен против Малага, на тимот на Зинедин Зидан ќе му биде доволен само еден бод за да стигне до титулата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top