Приватниот музеј „Ле артс декоратиф“ ќе постави спектакуларна ретроспектива на „Диор“, која ќе биде најголема модна поставка што досега ја видел музејскиот свет. Ќе бидат изложени повеќе од 300 фустани во простор од три илјади квадратни метри.
Изложбата е во чест на 70-годишнината од основањето на француската куќа „Диор“, која ќе ги опфати најславните креации на Кристијан Диор и на сите шест великани на модната сцена што го наследија. За потребите на изложбата ентериерот на музејот ќе биде посебно декориран од архитектот и ентериерист Натали Криниер.
Оваа величенствена изложба треба да се отвори на петти јули, за време на одржување на Париската недела на висока мода, и ќе трае до седми јануари 2018 година, што е доволен период за сите заинтересирани да ја посетат. Уште сега најголемо внимание предизвикува идејата главната просторија на музејот да се претвори во балска соба инспирирана од дворците во Версај, каде што се наоѓа салонот со огледала во кој би биле прикажани најистакнатите креации што ги носеле кралици, принцези и аристократки на чело со принцезите Грејс Кели и Дајана, но и славни лица како актуелните амбасадорки на „Диор“, Шарлиз Терон и Џенифер Лоренс.
Последната париска ретроспектива посветена на „Диор“ се одржа во истиот овој музеј во 1987 година, а опфати десетгодишно творештво на модниот гениј во период од 1947 до 1957 година.
Освен фустани, на изложбата ќе има и скици, илустрации, чанти, накит, парфеми. Мал дел од изложбата ќе биде посветен на мајсторите на Диор што рачно ги изработиле сите овие фантастични креации. Се разбира, во фокус ќе бидат 300 фустани од високата мода кои се креирани од 1947 година до денес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.