Стотина македонски граѓани од дијаспората во Западна Европа, попладнево со мирен протест пред зградите на Европската комисија и на Европскиот совет го кренаа својот глас за унитарна Македонија и против, како што порачаа, евробирократијата која сака да и ја одземе самостојноста и унитарноста на македонската држава.
Македонци од Швајцарија, од Германија, од Италија, од Холандија, од Белгија и од Луксембург, поднесоа декларација до Европската комисија, во која се бара немешање во македонското прашање, зачувување на македонската унитарност и овозможување на Република Македонија да го користи своето уставно име и со истото да стане дел од Европската унија и НАТО, пренесе МИА од Брисел.
Покрај извиците „Македонија вечна“, „Едно име имаме“, „НЕ за тиранска платформа“, „Не ја даваме Македонија“, проследени со традиционални македонски песни и ора, Македонците истакнале и транспаренти со пораки „Не сакаме Влада на Сорос“ и слики до ликот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев и пораки „предавник“. Организаторот посочил дека целта на протестот е да се каже стоп на странските замешателства во македонските работи и да се испрати љубов и поддршка на граѓаните на Македонија.
-Тука сме за да ја пренесеме пораката во Европа и светот, собрани од сите страни на Европа, за да можеме да го искажеме нашиот гнев кон замешателите во македонските работи, како и да ја изразиме нашата љубов кон Македонија. Силно не засегаат премрежијата низ кои минува нашата држава и не можеме да седиме со скрстени раце и друг да ги пренесе пораките за зачувување на унитарноста на македонската држава, истакна Драган Смиловски од македонската дијаспора од Швајцарија.
Присутните на протестот неколкупати се оградија од било-какви партиски припадности на поединци или поврзаност на протестот со политичка партија. Според нив, Македонија е единствена ѕвезда водилка што ги натерала да пропатуваат по повеќе стотина километри за да присуствуваат на денешниот собир ред Еврокомисијата и Евросоветот.
Македонците од Европа ќе организираат вакви и слични настани во сите поголеми градови на континентотза одбрана на унитарноста на Македонија и државните обележја како знамето, јазикот и химната, кои велат се под сериозна закана на тиранската платформа и Владата што би се создала од политичките партии во македонската држава што ја застапуваат оваа платформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.