Рафаел Надал во последните три години му немаше земено ниту еден единствен сет на Новак Ѓоковиќ. Сепак, оттогаш ситуацијата се промени, Србинот е далеку од својата топ-форма, а Надал го искористи тоа за да го декласира големиот ривал и да се пласира во големото финале од Мастерс-турнирот во Мадрид.
Шпанскиот ас, кој последен пат го имаше совладано Ѓоковиќ во Ролан Гарос во 2014 година, ја продолжи својата импресивна серија на земјена подлога по трофеите во Монте Карло и во Барселона, па денеска не му даде можност на српскиот тенисер ниту да се понадева на триумф. Полуфиналето почна со импресивна серија на Рафа и рано водство од 4-0. Шпанецот го доби првиот сет со 6-2, а потоа на самиот старт од вториот веднаш направи брејк. Надал потоа рутински ја одржуваше предноста до самиот крај, за конечна победа од 6-2, 6-4.
Ова беше вкупно 50. дуел во кариерите на Надал и Ѓоковиќ, при што српскиот тенисер е нешто поуспешен со 26 победи наспроти 24 на Рафа.
Шпанскиот тенисер за противник во финалето ќе го има подобриот од втората полуфинална пресметка меѓу Куевас и Тием.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.