Жозе Мурињо покажа голема фудбалска големина по крајот на полуфиналето меѓу Манчестер јунајтед и Селта виго во Лигата на Европа, па покрај тоа што ги тешеше и им даде поддршка на противничките играчи на теренот, не пропушти да ги испофали и за време на прес-конференција по натпреварот.
Португалецот потенцираше дека играчите и тренерот Беризо треба да бидат горди на тоа што го направија оваа сезона, но не пропушти да признае дека при последната колосална шанса, која ја имаше Гуидети, се потсетил на три моменти кои во минатото имаа круцијална улога во полуфиналињата на кои има учествувано.
Мурињо посочи дека при шансата на напаѓачот на Селта низ глава му се вратиле сликите на Бојан Кркиќ, Ејдјур Гудјонсен и Серхио Рамос, играчи кои во минатото имаа важни потези во клучни моменти.
– Помислив на сѐ и почувствував се што ми се има случено во минатото. Го почувствував истото она што го почувствував кога Бојан постигна гол за Барселона, но истиот беше поништен во полуфиналето на Лигата на шампионите во 2010 година. Се потсетив на Гудјонсен кој во полуфиналето против Ливерпул не погоди празен гол. Се потсетив и на Рамос, со играчи како Рамос, Роналдо и Кака изгубив на пенали во полуфиналето со Баерн во Лигата на шампионите. Овојпат среќата беше на моја страна. Што се однесува до Селта, можам да им кажам дека треба да бидат само горди. Треба со подигнати глави да си заминат од Манчестер, денеска беа подобри од нас. Им честитам за сезоната која ја имаа, секоја чест – искрено посочил Жозе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.