| четврток, 6 декември 2018 |

На 57. Биенале во Венеција: Свечено отворен Павилјонот на Македонија

На свечената промоција на годинашниот национален претставник, проектот „Red carnival“ (Црвен карневал) на реномираниот уметник Томе Аџиевски, меѓу многубројните гости, присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и конзулот на Република Македонија во Венеција Ашим Зекировски. Свеченото отворање беше проследено од страна на голем број на посетители, меѓу кои и претставници на земјите учеснички од регионот

Во престижниот изложбен простор Арсенале во Венеција вчера свечено беше отворен македонскиот павилјон во рамките на 57-то издание на најголемата и најпрестижна интернационална ревија на уметноста во светот – Венециското биенале.

На свечената промоција на годинашниот национален претставник, проектот „Red carnival“ (Црвен карневал) на реномираниот уметник Томе Аџиевски, меѓу многубројните гости, присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и конзулот на Република Македонија во Венеција, Ашим Зекировски. Свеченото отворање беше проследено од страна на голем број на посетители, меѓу кои и претставници на земјите-учеснички од регионот.

unnamed (3)

Република Македонија се претставува на Венециското биенале по 12-ти пат и презентира иновативен и комплексен мултимедијален проект. „Црвениот карневал“ е провокативна мултимедијална инсталација, слоевит авторски проект, една многу оригинална и автентична поставка која на ироничен и симболичен начин го поставува прашањето за западната, таканаречена беневолентна глобална хегемонија и нејзината деконструкција. Авторот Томе Аџиевски нуди авангардно решение, без никаква стравопочит кон трендовските манири, не ретко застапени во современите уметности.

Проектот е концепциско-содржински и ликовно-технички високо изграден и комплексен во сопствената уметничка артикулација и произлегува од неговото неколкудецениско континуирано творештво.

unnamed (2)

Куратор на проектот е Бранислав Саркањац, а комесар Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Венециското биенале е една од најстарите и најпрестижни европски манифестации и за јавноста ќе биде отворено од 13 мај до 26 ноември. На Биеналето својата уметност ја претставуваат 57 земји од целиот свет преку националните павилјони, а излагаат стотици автори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top