Ниту начинот, ниту времето на превратот во Собранието на Република Македонија не беше осмислено од таканареченото ново парламентарно мнозинство. За идејата се знаеше од порано, а се чекаше само сигналот од режисерите на целата игра. Поентата беше не само да се заземе парламентот, туку и да се исценира граѓански судир, кој ќе ги отвори вратите на војната, заговарана со планот „линија на огнот“. Всушност, со тој чин на провокација се сакаше да се постигне и оцрнување на „За заедничка Македонија“, но и оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ, која од политичка партија, со вадење на „кубурот“ ќе беше посочена како насилна организација, која мора да загуби секаква политичка легитимност. Патот на федерализацијата на државата тогаш ќе се одвива непречено. Потегот што го повлече ВМРО-ДПМНЕ, колку и да засега во чувствата, беше избегнување на стапицата за вовед во граѓанска војна во Македонија. Притоа, не се дозволи најголемата партија што ги штити националните и државните интереси на Македонците да биде оквалификувана како организација што треба да се искорени. Да биде претставена како еквивалент на фашистичката „Златна зора“ во Грција. И, секако, со тоа се осуети планот за вооружен судир, за граѓанска војна во државата за да се прикрие превратот, па и формирање влада без дозвола од претседателот на државата.
Зар некој може да каже дека е случајно тоа што признавањето на овој преврат беше признаено само неколку минути по случувањето, или дека случајно сите „загрижени“ амбасадори се најдоа на седенка во хотел во непосредна близина на парламентарното здание; Притоа дека веднаш, без консултации со своите претпоставени, амбасадорите едногласно застанаа зад Талат? Зар некој се посомнева во намерноста на пласираните лажните информации дека „проруски сили“ се противеле на „демократски процеси“? Или дека на тој начин, преку вооружен внатрешен судир, се немаше намера да се покрие странската вмешаност во сценариото?
Во услови на поделена нација, кон оној евидентно помал дел ќе застанеа и големоалбански радикални струи, ќе беа признаени од сценаристите како група со „прозападнодемократска ориентација“. Од другата страна, Македонците во својата борба за опстанок, без своја волја, ќе беа ставени во позиција на евентуална заштита од руските интереси, кои не би ја испуштиле шансата за воспоставување рамнотежа на Балканот, така како што се случува во Сирија. Всушност, Македонија, македонската борба ќе се претвореше во борба за интересите на влијание на големите центри. Злосторствата од Сирија во кои се вмешани истите надворешни играчи во внатрешно поделените групи, заедно со искуствата од џихадистичките ѕверства на некои „новоосвестени западни сили“ ќе се пресликаа на овие македонски територии. Ќе пристигнуваа пакети наменети за двете страни во оружје, опрема, храна, вода и сѐ што сега не може ниту да се замисли. Македонскиот народ повторно поделен за странски интереси и униформи ќе се убиваше до самоуништување. Ќе почнеа и масовни иселувања. Ќе станевме дел од тој коридор што „човекољубната“ Европа се обидува да го запре, додека ги повикува тие што со работната сила ќе им служат на интересите. Подобните, кои нема да поставуваат прашања.
Доколку некој се сомнева во ваквите планови, нека се потсети кој заговараше и споменуваше „украинско сценарио“, а потоа нека ги заврти страниците на постарите броеви на неделникот „Република“, таму каде што јасно се гледаа сцените од Скопје при платеничката револуција и украинските немири пред воениот судир. Притоа, сето тоа беше исценирано во моментот на најавената посета на довчерашниот помошник на Викторија Нуланд, таа поранешна висока американска функционерка, која ги „честеше“ украинските идни жртви со американски сендвичи.
Очигледно истите тие центри беа подготвени за такво сценарио; местото, начинот и времето во кое Заев мораше да го изведе бруталниот упад во системот со устоличувањето на Џафери и нивната реакција го потврдува тоа.
ПОЛИТИКА НА ВОЈНА
Внатрешните прашања поврзани со иднината на една земја со капацитет како овие на Балканот од одамна не зависат само од волјата на гласачите. Интегративните заложби беа добар пакет со слатки по кои оправдано се залетаа новите демократски држави не гледајќи ја опасноста што се крие под обландата на некаков просперитет. Таа основна визија за заеднички вредности и за влез меѓу еднакви општества, можеби на почеток беа единствените обединувачки фактори за мултикултурните општества разорувани со векови. Беа одлична основа за развој на демократијата. Сѐ додека таа демократија не беше погребана од нејзините креатори.
Неолибералните корпоративци што ја заземаа светската политика ја убија демократијата и преку домицилни контрактори го прекројуваат светот. Веќе и не се крие дека под превезот на демократијата и „мир во светот“ се заложуваат и за прекројување на границите без притоа за такво нешто и да се побара мислење од поширокиот регион. Јасно е како бел ден дека Македонија е во состојба на окупација. Модерна, во која се наметнува привид на секојдневие и на мир додека ѝ се окупираат институциите. Тоа е современиот начин што го наметнаа кучињата на војната.
Таа војна е почната од порано, не е нова и не е изненадување. Одамна избрани и обработени се и домицилните контрактори. Чепкањето во прислушувањето до 2010 година, пораките на Зоран Заев за „подготвеноста од надвор“ за „големи работи“, тренинзите на платеничката Соросова војска, тренинзите за одвојување на грст Македонци од својот корен со вградување презир кон сѐ што е национално и македонско, вмешаноста на познати криминални структури блиски до политички опции дома и во регионот, пораките на прислушувачите за „граѓанска војна“- сѐ укажува на долго подготвуван план за војна на Македонија, која е „на линијата на огнот“.
За неа зборуваше и поранешниот американски државен секретар Џон Кери. Тоа што „Кери“ сега има ново име, не значи и остар рез на почнатата стратегиска игра. Притоа, најмал проблем е дали и како на некоја група, нација, партија, етничка заедница ќе ѝ се пришие „про“ или „анти“ западно, источно, терористичко, конзервативно, прогресивно, американско, европско, руско или каква било настроеност и оцена, која и не мора да кореспондира со реалноста, ако тоа оди во прилог на проектот за прекројување. За тоа постои најсовремената воена алатка – медиумите и индокринацијата. Во една ваква состојба, со која Република Македонија во целина се соочува и дава отпор со години, агресорот за момент ќе успееше да го предизвика насилство преку кое не само што ќе ја втурнеше државата во своето најлесно изводливо сценарио, военото, туку и покрај меѓуетнички и интеретнички воени чистки, ќе загазеше со своја „чизма“ без трошка отстапка.
Барањето на „кубурот“, понесени од емоциите, можеше да направи земјата да влета во филмот на сценаристите. Според нивната водилка, емоциите предизвикани со тиранската платформа, негирањето на сѐ што е македонско од партиите на македонските Албанци, реакциите што сето тоа ги предизвика кај јавноста, предупредувањата и свесноста на ВМРО-ДПМНЕ за тоа што се случува во и со земјата, како партија од конзервативната десница, беа одлична подлога да се изрежира тој насилен филм.
ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, со децении најголема партија во државата, чијашто политика и стратегии неприкосновено ја уживаат поддршката од гласачите во земјата, но и од политичките структури надвор од неа. Во условите во кои е поставена последните неколку години, со вештачки импровизираната криза по која следуваше најголемиот изборен, но и постизборен инженеринг на европска територија, ВМРО- ДПМНЕ направи максимум. Предупреди и ги демаскираше сценаријата, ги растури како „лего“ намерите на домашните контрактори, ги натера да брзаат и да прават грешки во својата долгогодишна реализација. Повеќе и не може една политичка партија сама, имајќи ја, пред сѐ, и честа и грижата за граѓаните. Сѐ понатаму ќе беше бездна.
Сѐ поинаку ќе доведеше до последниот паралелизам на општеството, со два парламента и со две влади, што им недостига во реализираното сценарио на надворешните инженери. Токму Зијадин Села заговараше формирање паралелен парламент, како најлесен премин кон федерализација на државата и обезличување на македонскиот народ.
Натамошната борба ќе биде уште потешка. Никој, навистина, не ја знае вистинската слика за тежината на притисокот и за реалната опасност што виси врз македонскиот народ. Тоа може само да се насети не само од посоченото од Никола Груевски, дека штом застанеш во одбрана на националните интереси стануваш несимпатичен за сценаристите, туку и од едно од обраќањата на претседателот Ѓорѓе Иванов, дека еден ден ќе се отворат класификуваните документи за тоа што сѐ се случувало во овој период и за борбата за опстанок.
Ако не дојдеше до овде, ќе ја критикувавме ВМРО-ДПМНЕ дека недоволно сторила. Ако продолжеше од овде, ќе ја уништеше земјата.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 245. број на неделникот „Република“, 12.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)