Во реванш натпреварот од полуфиналето на Лига Европа, фудбалерите на Лион славеа пирова победа од 3-1 (2-1) против Ајакс и не успеаја да ја надополнат негативата од првиот натпревар. Ајакс по победата од 4-1 во првиот дуел со вкупни 5-4 се пласира во финалето на Лига Европа. Пласманот во финалето е прв за тимот на Ајакс во едно европско натпреварување по 21 година.
Лион кој имаше висока негатива од првиот натпревар, од самиот старт започна офанзивно и во неколку наврати пропушти шанси за водство, но со тоа покажа дека до самиот крај на натпреварот ќе се бори за пласман во финалето.
За разлика до домаќините, фудбалерите на Ајакс преку контри ја бараа својата шанса за погодок. Токму при една таква контра, во 27. минута Јунес и Долберг ја изиграа француската одбрана, па 19-годишниот Долберг со удар од косо донесе водство од 0-1.
И покрај големата негатива (во тие моменти вкупни 5-1), францускиот тим продолжи со нападите, а тоа вроди со плод во самиот финиш на првиот дел. Лаказет со гол од пенал во 45. минута израмни на 1-1, а само една минута подоцна по асистенцијата на Фекир, донесе предност од 2-1 и еуфорија помеѓу домашните фанови.
Во второто полувреме, домаќинот тргна по постигнување на нов погодок и преку Диакхаби во 51. минута имаше извонредна шанса, но гостинскиот голман прекрасно одбрани. Како одминуваше времето гостите од Амстердам се одлучија да ја бранат предноста, а домаќините целосно доминираа. Во 76. минута Рибус откосо имаше чист простор, но Оана со акробатска интервенција го спаси тимот на Ајакс.
Во 78. минута Де Бек имаше меч топка за гостите од Холандија, но ударот заврши само во стативата. Казната за пропуштената шанса стигна набрзо и веќе во 80. минута Гезал од чиста позиција биеше со глава и донесе предност од 3-1. Во 85. минута Ајкас остана и со играч помалку по исклучувањето на Виргевер. Во последните мигови се играше пред шеснаесетникот на Ајакс, се редеа шанси, но Ајакс ги издржа налетите и на крајот поразот го прослави како голема победа. Ајакс во финалето на Лига Европа ќе игра против тимот на Манчестер Јунајтед, а победникот од тој дуел ќе биде гостин на нашата „Телеком арена“ во рамките на Суперкупот на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)