| четврток, 6 декември 2018 |

Илиевски: Претседателе, чувајте го Уставот, да се бориме заедно рамо до рамо како и досега

Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ порача дека не може да му се верува на човек кој каде и да оди, зборува она што сакаат тие таму да го слушнат

Граѓаните и поддржувачите на идејата на иницијативата „За заедничка Македонија“ 74-ти ден се на улиците низ Македонија со цел да испратат заедничка порака за унитарност и суверенитет на Република Македонија. Тие денеска повторно поминаа покрај народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов.

Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“  порача дека не може да му се верува на човек кој каде и да оди, зборува она што сакаат тие таму да го слушнат.

-Има една стара албанска поговорка, вика вака, ако држиш орел за пердув и жена за збор може да се каже дека не држиш ништо. Не се согласувам со делот за жената, орел никогаш не сум држел во рака, ниту пак сакам, ама знам дека ако го држиш за збор човекот кој каде и да оди го зборува она што мисли дека тие таму сакаат да го слушнат, не држиш ништо. Ако го држиш за збор човекот кој во Бугарија вели дека сме еден народ, во Србија се умилкува како што знае и умее, во Швајцарија зборува она што тие таму сакаат да го слушнат, можеш да кажеш дека не држиш ништо, без оглед на сите пишани гаранции кои би дошле од него – изјави Илиевски.

Поради ова тој му порача на претседателот да води сметка за унитарноста и суверенитетот на Република Македонија.

-Затоа порачуваме, претседателе Иванов знаеме дека имате некои работи кои по службена должност морате да ги направите, исто како и што Службен весник мораше да објави една фалсификат одлука по службена должност. Меѓутоа водете сметка за зачувување на суверенитот на Република Македонија и за унитарноста на оваа земја, за тоа не држи зборот на оној кој е спремен да продаде се само за да дојде на власт. Грижете се за Уставот, чувајте го Уставот, да се бориме заедно рамо до рамо како и досега. Доколку вие не не оставите сами, нема ниту ние да ве оставиме – истакна Илиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top