Додека Јувентус играше нов беспрекорен меч и се пласираше во финалето од ЛШ, големиот ривал Интер се реши да му врачи отказ на тренерот Стефано Пиоли. Откако освои само два бода во последните десет кола беше јасно дека Пиоли нема да остане во следната сезона, но се очекуваше тој да го заврши овој шампионат.
Сепак, како пресуден се покажа дуелот со Џенова и голот на Горан Пандев, со што најновиот пораз на Интер ја прели чашата кај кинеските газди, кои вечерва го обелоденија прекинот на соработката со Пиоли.
– Сакаме да објавиме дека Стефано Пиоли беше отпуштен од неговата функција заедно со стручниот штаб. Му благодариме на Стефано за посветеноста и напорната работа во изминатите шест месеци, кои беа дел од оваа тешка сезона. Актуелниот тренер во младинската школа, Стефано Веки, ќе биде шеф на стручниот штаб на првиот тим во преостанатите три кола од оваа сезона – се вели во соопштението на Интер.
Пиоли дојде на средината од оваа сезона на местото на Франк де Бур, успеа да ја крене атмосферата и да внесе победнички дух во тимот, но потоа не се снајде кога формата почна да се движи во надолна линија, па по серијата слаби резултати и губењето на шансите за излез во Европа и тој доби отказ од тренерската функција во Интер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.