| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје танцовиот театар ја носи магијата на танцот на „Штипска пролет“

„Кожа“ премиерно беше изведена на овогодинешниот интернационален фестивал „Танц Фест 2017“. Претставата е составена од три кореографии: „Котел“ на Рисимкин, на оригинално направена музика на Тони Китановски, „Погрешно“ на Данчевска, на музика на групата „Верка“ и кореографијата под наслов „Истиот извор“ на Киселичка, за која таа направи избор на музика од повеќе автори

На 10 мај во 20 часот на сцената на Домот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, во рамките на манифестацијата „Штипска пролет“, ќе се изведе најновата претставата на Скопје танцовиот театар, насловена како „Кожа“, во кореографија на Матеа Киселичка, Адријана Данчевска и Рисима Рисимкин.
Оваа претстава со голем успех, премиерно беше изведена на овогодинешниот интернационален фестивал „Танц Фест 2017“. Претставата е составена од три кореографии: „Котел“ на Рисимкин, на оригинално направена музика на Тони Китановски, „Погрешно“ на Данчевска, на музика на групата „Верка“ и кореографијата под наслов „Истиот извор“ на Киселичка, за која таа направи избор на музика од повеќе автори. Костимите за целата претстава ги обликуваше Благој Мицевски. Во претставата учествуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Александар Петрушевска, Јакуб Мунко, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, гостинката од Италија, Фабиана Карчесио и гостите од Кина, Ванг Нинг и Ли Је.

Скопје танцовиот театар е првата компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисимкин, како оснивач и уметнички директор, која активно работи, во континуитет на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на европската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц.
Скопје танцовиот театар има повеќе целовечерни продукции зад себе: “Меѓусвет“; “Орландо“; “Човек во ходникот“;“ХОТ“; “Потрага“, серијата представи под име “ИМПУЛС“, потоа “О!(тело), “СМС (сите мои слики)“, “Блесок“, “Стапнувајќи на земја“, и “КОЖА“; како и повеќе кратки кореографии.
Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на короеграфите: Џенис Бренар, Шон Скантелбјури, Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун, Тим Персент, Холандија; Катцура Кан, Јапонија; а учествуваат и голем број професори-гости од странство.
На сцената на Скопје танцовиот театар свое деби, како млади кореографи имаа: Матеа Киселичка, Љупчо Атанасов, Адријана Атанасова, Дора Кокољ, Адријана Данчевска,  Валентино Апостоловски, Андријана Андреева, Јакуб Мунко и Александра Петрушевска.
Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто; Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија; ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија, фестивалот “Share“ во Братислава, Словачка.
Скопје танцовиот театар го добива својот кадар од Skopje Dance Academy – првата академија за современ танц во Македонија, чија програма се реализира во соработка со престижната Ротердамска академија за современ танц од Холандија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top