| четврток, 6 декември 2018 |

Мандатот неизвесен, Заев и Ахмети делат ресори

kol233-gm-zaev-ahmeti-1

Вочекување дали претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, партиите веќе се позиционираат за преговорите за распределба на владиниот колач. Официјално, преговорите за поделба на ресорите и кадровските решенија за новиот состав на „Илинденска“ ќе почнат кога Заев и официјално ќе стане мандатар или ќе биде на чисто дека мандат од Иванов нема да добие. Неофицијално, пак, во јавноста веќе се лиферуваат информации дека лидерите ги почнале преговорите за владиниот кабинет, па сè до тоа дека владата е стокмена, ресорите поделени сосе кадровските решенија – пишува Дневник.

Висок функционер на СДСМ за „Дневник“ изјавил дека би сакале сите партии на Албанците да бидат дел од новата влада бидејќи тоа ќе гарантира поголема стабилност на извршната власт. Тој додал дека сè уште е неизвесно дали во владата ќе бидат ДУИ, „Алијансата за Албанците“ и Беса и оти од учеството на партиите во идната влада ќе зависи и бројот, но и распределбата на ресорите. Според функционерот, дали и ДПА на Мендух Тачи ќе биде дел од владиниот кабинет, Заев прво ќе разговара со Ахмети, Зијадин Села и Билал Kасами како лидери на партии кои на СДСМ му го обезбедија парламентарното мнозинство.

Се работи на тоа сите партии на Албанците кои обезбедија парламентарно мнозинство да бидат дел од владата. Во зависност од тоа ќе биде и распределбата на ресорите. Ситуацијата е суптилна и за распределбата на ресорите сега не може да се каже дека се битни освоените мандати на партиите или освоените гласови на изборите. Од една страна, без ДУИ, нема влада, од друга, пак, тенденцијата е во неа да учествуваат сите партии на Албанците за извршната власт да биде постабилна – вели функционерот за дневниот весник.

Неофицијално, можно е да се направи рез во новиот владин кабинет, односно да се намали бројот на вицепремиерските позиции и на министрите без ресор.

Од ДУИ вчера само потврдија дека за поделбата на ресорите и составот на новата влада ќе се преговара на лидерско ниво. Од партијата на Ахмети велат дека не отстапуваат од позицијата дека тие треба да раководат со осум ресори. Од ДУИ повторуваат дека кај нив нема расположение владиниот кабинет да го делат со Беса.

Од „Алијансата за Албанците“ посочиле дека допрва ќе решаваат дали ќе влезат во владата и дали кадровски ќе бидат дел од извршната власт. Тие би сакале сите партии на Албанците да бидат дел од владата на СДСМ во овој преоден период, а потоа секоја од партиите нека води своја политика.

И од Беса повторија дека допрва ќе одлучуваат дали ќе бидат дел од новата влада.

Kога Заев ќе стане мандатар, ќе одлучиме дали ќе почнеме преговори за влада. Нашите услови за влада се во неа да нема инкриминирани политичари, редефинирање на државата и договорот за влада да биде транспарентен и со прецизни рокови – изјавиле од Беса.

Од партијата на Kасами не коментираат дали остануваат на позицијата дека услов за влез во владата ќе биде Беса да има еднаков број министри со ДУИ, предлог што беше на маса како услов за поддршка на Талат Џафери за претседател на Собранието. Неофицијално, „Дневник“ тогаш објави дека предлогот на Беса беше неприфатлив за СДСМ. Информацијата доби потврда при чинот на спорниот избор на Џафери за претседател бидејќи Џафери не ги доби гласовите на Беса.

И додека, од една страна, се тврди дека Ахмети не би се бламирал да преговара за поделба на власта додека Заев не го добие мандатот, од друга, информациите се дека Заев и Ахмети ги составиле контурите на новиот состав на „Илинденска“.

Неофицијално, доколку, освен ДУИ, и „Алијансата“ и Беса бидат дел од владата, Ахмети ќе отстапи едно министерство за „Алијансата“, а Заев ќе отстапи еден ресор за Беса. Според овие информации, ДУИ ќе раководи со две вицепремиерски функции, од кои сигурна е таа за Рамковниот договор, за каде што се споменуваат Артан Груби и Изет Меџити. ДУИ ги преговарала и ресорите образование, здравство, економија, животна средина, култура и едно министерство без ресор.

СДСМ ќе управува со вицепремиерското за евроинтеграции, МВР, за каде што се споменува Оливер Спасовски, во одбрана Радмила Шекеринска, за правда, најверојатно, Рената Дескоска, МНР – Никола Димитров, за труд и социјала се врти името на Фросина Ременски, а за земјоделство Љупчо Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top