Ракометарите на Вардар сигурно ќе играат во фазата по групи од Лигата на шампионите, а можно е и Металург да добие шанса за настап, но во квалификациите и со вајлд-карта или на покана од ЕХФ.
Одличните настапи на Металург во Лигата на шампионите во последните 3 сезони и особено во оваа, со пласман во четврт-финалето, носат надеж дека Македонија ќе има двајца претставници во елитата.
„РК Металург ја извести ракометната федерација на Македонија дека е подготвен да учествува на квалификацискиот турнир со вајлд-карта, кој обезбедува место во Лигата на шампионите. На потег е нашата Федерација, која нашата кандидатура треба да ја препрати и да ја излобира во ЕХФ“, се вели во соопштението од РК Металург.
ЕХФ има право да испрати специјална покана до клуб ако смета дека заслужува место во ЛШ, иако за тоа на терен преку домашниот шампионат не се изборил. Металург по 3 години доминација ја загуби титулата, завчера со пораз од Вардар во СРЦ „Кале“ со 19-22. Сепак, рејтингот на избраниците на Лино Червар во Европа е голем и има реални шанси за учество и на Металург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.