| четврток, 6 декември 2018 |

Почна фестивалот „Скопје креатива 2017“

Вчеравечер, 4 мај, во Младинскиот културен центар почна годинашното издание на Фестивалот на креативни индустрии – „Скопје креатива“ кој ќе трае до 6 мај, сабота, 2017 година…

„Скопје креатива“ станува омилен урбан културен настан во градов на кој публиката повторно, и оваа година, ќе има можност за првпат да ги види уникатните дизајнерски решенија на многубројни македонски компании и самостојни уметници, кои создаваат производи со исклучително квалитетна уметничка и естетска вредност, а од кои нашето општество има индустриски и економски бенефит.

Под мотото „Креирај, кокреирај!“ – Do Create! Co-create!. во текот на фестивалот ќе се одржат над 30 настани распоредени во три дена, осносно ќе се одржат изложби, работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери…

Ќе има и гостувања на врвни светски дизјанерски имиња, кои ќе одржат работилници и предавања во рамки на програмата.

Организаторите на фестивалот при изборот на проекти во прв план ја ставиле оригиналноста и иновативноста на концептот со цел надминување на класичните поделби по области во уметноста, современ пристап во поврзување на нови технологии и дигитални медиуми во уметничкото творештво и други облици на креативно изразување, промоција и активности за подигнување на свеста за значењето на креативните индустрии, поттикнување на претприемничките и бизнис вештини на младите, уметниците и поединци во рамките на креативните индустрии…

Годинава имаме навистина импресивна листа на учесници: Изабела Новотни со Уметноста на кукленото мајсторство, Невена Тодоровска со Мулти-Фан-Акција, Драган Христов со Експериментална унисекс колекција, ХАЕМУС со Розалии – прослава за празникот на розите, Газменд Ајруловски со Виртоскоп, Вера Христовска со Разгледници од Македонија и многу други креативци. Во ексклузивниот каталог што е подготвен за фестивалот, граѓаните ќе можат да прочитаат за секој од импресивните проекти што ќе бидат претставиме на неколку простори во Младинскиот културен центар.

„Скопје креатива“ е проект под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје и претставува креативен настан кој позитивно влијае врз развој на креативниот сектор во земјава и регионот, како и бизнис заедницата.

За реализацијата на овој фестивал, Градот Скопје, од својот буџет за 2017 година, издвои средства во висина од 3 милиони денари.

Овој фестивал останува доследен на претходните изданија и ќе биде од отворен карактер и сите заинтересирани ќе можат да учествуваат во работиниците, а настаните се бесплатни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top