| четврток, 6 декември 2018 |

Собата на Ван Гог, мебел од еко дизајн и проекции на студентски филмови на „Скопје креатива 2017“

Неколку универзитети и училишта со своите креативни проекти ќе учествуваат на претстојниот фестивал „Скопје креатива 2017“ од 4-6 мај во МКЦ. Во продолжение ви ги најавуваме делата со кои ќе се претстават студентите  учениците на годинешното шесто издание на фестивалот на креативни индустрии.

Архитектонски факултет учествува со делото со наслов „Влези/enter“. Носители се Миа Шириќ, апсолвент магистрант на Архитектонски факултет Скопје  и редовната професорка на факултетот, Елизабета Аврамовска, академска сликарка. Соработници се група студенти. Делото претставува 3Д транскрипција на сликата на собата на Ван Гог. Собата ќе биде изведена од разни видови картони и лесонит, како 3Д релјеф што продолжува и излегува во просторот како макета.

– Идејата е да овозможиме на гледачите да влезат во собата на Ван Гог, но истовремено и да ја внесеме неговата соба во нашата реалност и да овозможиме интеракција меѓу посетителите и уметноста. Тој заемен контакт ќе го реализираме преку изработка на рељефни и скулптурални елементи во композицијата, која ќе содржи и вистинска столица на која посетителите ќе можат да седнат – велат авторките на проектот.

18053117_10212636144161021_963730247_o

Група студенти од насоката индустриски дизајн на Машинскиот факултет, пак, учествуваат на фестивалот со делото „Eco world“. Студентите изработија прототипи на светилки и парчиња мебел во рамките на предметот еко дизајн, под менторство на проф. Татјана Кандикјан. Со примена на сознанија и принципи од областа на еколошкиот дизајн студентите постигнаа креации на производи со висока естетика.

18083581_10212636144241023_961722339_o

По повод 10 години постоење, Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА/ЕФТА, на „Скопје креатива“ ќе се претстави со проекции на студентски филмови. Публиката ќе може да ги види: „Аларм“ на Ана Алексовска, „Радио“ на Марко Црногорски, „Земја“ на Ибрахим Дехари, „Обожение“ на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов и „Dark Hours_A Tale of Noir“ на Трифун Ситниковски. Ќе се претстават и студенти по актерска игра од втора година од ЕФТА, од класата на проф.Мето Јовановски, со кратка комична сцена, колективна импровизација.

18053126_10212636143561006_1640012402_o

Свое претставување на фестивалот ќе има катедрата по филмска режија при Факултетот за драмски уметности  (ФДУ) на УКИМ. Ќе биде прикажан колаж на филмови од повеќе автори со различен естетски и режисерски пристап на темата „Портрет“. Меѓу авторите на филмовите се: Дејан Јованов, Борјан Стојков, Ибрахим Батухан, Антонио Митриќески, Борјан Зафировски.

„Скопје креатива 2017“ ќе биде домаќин и на Меѓународниот балкански универзитет, односно Факултетот за уметност и дизајн кој располага со три студиски програми: графички дизајн, визуелна уметност со ликовна педагогија и визуелна уметност и медии. На одделот за графички дизајн се вклучени курсеви за типографија, илустрација и пакување, како и употребата на графички дизајн софтвер за 3Д дизајн, веб-дизајн и интерактивни мултимедијален дизајн, преку комбинирана употреба на бои, слики, текст, звук и движење. Визуелна уметност со ликовна педагогија е оддел, каде што студентите создаваат дела што се првенствено од визуелна природа. Визуелната или ликовна уметност го има визуелното изразување како основен јазик за комуникација. Студентите ќе имаат можност да ги запознаат и изучат визуелните дисциплини од областа на ликовната и применета уметност како: цртежот, графиката, сликарството ,  вајарството и мултимедијата.

Со делото „Природата нè повикува“ учествуваат Зорица Стојанова и Давид Исијанин, студенти на Факултетот за арт и дизајн – ЕУРМ, под менторство на Гордана Вренцоска

18042860_10212636143160996_134118570_o

-„Природата нè повикува“ е првата 3Д улична слика во Скопје, наменета за јавниот простор на градот. Целта е да се сврти вниманието на младата популација кон убавините на природната околина и да се насочи кон спортот, здравиот живот и дружењето. Идејата на авторите е да испратат порака дека мобилните телефони треба да ни служат за контактирање и за комуникација, а не за изолација и робување на социјалните мрежи – велат авторите на проектот.

Училиштето „Нова“ на „Скопје креатива“ ќе организира работилница за црно-бела фотографија, а учесниците ќе имаат можност да го искусат целосно процесот на создавање фотографии: од чкрапнување на апарат што користи филм, развивање на филмот, па до изработка на самите фотографии. Изработените фотографии ќе се изложат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top