Новак Ѓоковиќ одлучи да го отпушти целиот стручен тим. Како што соопшти, Србинот е во потрага по загубениот шампионски менталитет, па затоа се одлучи за ваква промена. Тој се разделува од тренерот Маријан Вајда, кондициониот тренер Гебард Фил Грич и од физиотерапевтот Милјан Амановиќ.
Медиумскиот тим на Новак Ѓоковиќ објави соопштениесо кое ја известува јавноста.
„Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се договори со тренерот Маријан Вајда, кондициониот Гебард Фил Грич и физиотерапевтот Милјан Амановиќ, по мастерс-турнирот во Монте Карло, да ја прекинат долгогодишната соработка.
До овој договор дојде по деталната анализа на играта, постигнатите резултати, но и поради лични причини на секој од членовите на тимот. Сите заедно заклучија дека имаа фантастична соработка во изминатиот период, но дека се неопходни промени, нов пристап и нова енергија, така што Ѓоковиќ би го подигнал нивото на игра и би остварил подобри резултати на листата на АТП.
-Бескрајно сум благодарен на Маријан, Џиџи и Милјан на децениското пријателство, пожртвуваноста и посветеноста на моите цели во кариерата. Без нивната поддршка, немаше да постигнам толку добри резултати во тенисот. Свесен сум дека живееја за мене и направија сѐ да ги остварат моите соништа. Тие беа мојата сила и секогаш ми беа ветер во грб. Не е ова лесна одлука, но заедно почуствуваме дека е време за промена. Многу сум благодарен и горд на нашиот однос, нераскинлива врска, заснована на љубов, почит и разбирање. Тие се моја фамилија и тоа никогаш нема да се промени – изјави Новак.
Новак смета дека промената ќе придонесе за постигнување подобри резултати.
-Сакам да продолжам да го подигнувам нивото на игра, но тоа е процес кој трае. Вистински уживам во тенисот. Имам чуство дека почнувам од почеток и ми се допаѓа овој предизвик. Мојата цел е единствена, а тоа е да се вратам во победничка форма – објаснува Новак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.