| четврток, 6 декември 2018 |

Патот е нашиот дом

Момче од Шпанија и девојка од Македонија со својата „јамаха ХT660З тенере“ поминаа долг пат околу светот. Ивана Чолаковска и Ману Торес се запознале на Миконос. Оттогаш, па до денес се заедно и заедно го живеат својот сон, пат околу светот со мотоцикл. Идејата, како што открива Ману за „Република“, им дошла во Индија, кога биле на кратко патување. Нивната желба била да го прошетаат светот на мотоцикл, да бидат во поблизок контакт, не само со луѓето, туку и со природата. Едноставно, како што вели Ману, вака реализираниот начин на патување е единствен за да се почувствува слободата и независноста. Македонскиот зет вели дека во Македонија има многу пријатели, дека овде дружељубивоста на луѓето е иста како и во Шпанија. Ја сака културата на земјата, но и македонската кујна. За тоа дали ќе останат во Македонија, Ману вели: засега патот е нашиот дом

Кога првпат дојдовте во Македонија?

Тоа беше пред осум години, ја запознав Ивана во Миконос , па по извесен период дојдов да ја запознаам и Македонија.

Manu2

Доаѓате од земја со поинаква традиција и култура од македонската. Како успеавте да се приспособите на животот овде?

Има многу сличности меѓу Шпанија и Македонија. Медитеранска култура, каде луѓето сакаат да се дружат, овде луѓето се големи пријатели и се, навистина, гостопримливи. Ова е мојот впечаток како човек што поминува краток период овде. Во Македонија доаѓам како гостин, затоа не сум целосно вклучен во начинот на живеење во земјата.

Дали македонскиот народ знае да подаде рака кога е потребно?

Во Македонија доаѓаме со Ивана за да ја посетиме нејзината фамилија, да поминеме време со пријателите овде. Според досегашното искуство, луѓето овде, навистина, секогаш се подготвени да помогнат доколку е потребно. Во текот на патувањето имавме лоши искуства, но сепак, на крајот, како што минува времето, човек ја здогледува реалноста и таа е дека повеќето луѓе се добри и се подготвени да му помогнат на патникоттили сонувач за што и да му е потребно.

manu6

Кое вашето мислење за македонскиот народ, неговиот начин на живот овде?

Постојат работи што може да бидат подобри. Луѓето во Македонија имаат потенцијал за да ги земат работите во свои раце и да го подобрат тоа што им е потребно за поубаво општество. Мене лично животниот стил ми е каков што сакам, а каков што сѐ помалку може да се види во Европа. Време поминато со пријатели, секогаш опкружен со луѓе, место само работа и дома.

Manu 17

Дали ви се допаѓа македонската традиционална кујна?

Секако. Сарма и полнети пиперки се моите омилени. Но, генерално, ги сакам сите македонски јадење. Ние секогаш се чувствуваме одлично и качуваме килограми кога сме во Македонија.

manu8

Сте ја истражиле ли Македонија?

За жал, сѐ уште не. Македонија, како и Шпанија, се земјите што ние ги немаме истражувано многу. Имам посетено подалечни земји. Како Аргентина, Индија или Киргистан, место нашите земји. Дури и сакам земји каква што е Македонија, богата со планини, езера, природа, стари села, но нашиот дух секогаш нѐ турка да истражуваме места надвор, а не во нашите земји. Но знам дека ќе дојде момент кога ќе решиме да патуваме и низ цела Македонија и сигурен сум дека нема да се разочарам.

Manu4

Како дојдовте на идеја да патувате околу светот со Ивана и тоа на мотоцикл?

Во Јужна Индија, откако завршивме едно кратко патување низ Индија на мотоцикл, кое траеше неколку месеци. Кога го завршивме ова патување, решивме дека ни е потребно повеќе од тоа. Слобода на патиштата и мотоциклот беа нашата одлична комбинација тогаш за да го доживееме тоа што го бараме. Одлуката да патуваме низ светот на мотоцикл како двојка што има алтернативен стил на живот и која изградила живот без да има многу работи, што значи без многу обврски, не беше тешка, чудна или планирана. Ние двајцата на многу природен начин, практично, се фокусиравме да се подготвиме за едно долго патување. Но, не бевме целосно свесни за тоа што точно значеше таа одлука. Не знаевме колку време, колку земји, колку жртви, предизвици ќе треба да се надминат или тешкотиите со кои ќе се соочиме на едно такво патување. Ние, едноставно, отидовме на пат, го почнавме патувањето и ги решававме проблемите еден по еден како што доаѓаа. Ова прашање ни беше поставено неколку пати, но не се сеќаваме кој беше првиот што го предложи тоа. Ивана и јас, иако толку различни, исто размислуваме за важните работи во животот, па нашите личности се балансираат меѓусебно и прават еден тим што се фокусира кон истите големи цели.

Manu15

Споменавте тешкотии за време на вашето патување, како излегувате на крај со нив?

Се соочивме со многу тешкотии. Патување низ светот на мотоцикл, автоматски значи голем ризик за да се соочиш со сѐ што може да ти донесе патувањето. Но кога патуваш толку долго на тој начин, се привикнуваш и тоа станува рутина. Затоа сега нашата перцепцијата за ризик е многу поинаква. Често си помислуваме на тоа кога Ивана ја скрши ногата во Чиле или кога се загубивме и смрзнавме на планините Памир. Но не треба да ги заборавиме и тропските вируси, финансиската состојба, планините во Боливија, наркокартелите во Синалоа (Мексико), воените зони заземени од терористи на пример во Судан и во Египет, дивиот свет, осаменоста во пустината и моментите кога бевме сами при секоја наша незгода или проблем… Ја пребродувавме секоја ситуација што ни се испречуваше на патот. Се трудевме на најприродниот можен начин да го намалиме ризикот на минимум. Контролирајќи си ги мислите, без да нѐ фати параноја од предупредувањата на луѓето со кои се среќаваме, конфликт или тешка област на оваа планета. Денес кога ќе наидеме на овие проблеми веќе не сме ни тажни. Бидејќи тоа за нас е можност да научиме, да ја разбиеме монотонијата дека секогаш треба да очекуваме само добро. Имавме шанса да размислиме како да се соочиме со голем проблем и тоа секогаш ни носеше ново пријателство и нова лекција во текот на процесот.

Manu13

Кои земји ви оставија најголем впечаток?

Индија, Таџикистан, Судан, Намибија, Патагонија или Лаос. Овие земји веднаш ми поминуваат низ мислите кога ќе го слушнам ова прашање. Но кога ќе продолжам да размислувам за ова и многу дрги земји се наоѓаат на листата. Нема земја што не ја сакаме, дури и тие земји во кои имавме лошо искуство. Ни се допаднаа и уживавме во секоја земја што ја поминавме, сите убави на свој начин и различни.

Manu 16

Кои се вашите планови, останувате ли во Македонија?

Плановите ни се сѐ уште на патиштата. Колку повеќе патуваме, толку повеќе го запознаваме светот. Многу работи сакаме да видиме, да дознаеме, а одговорот е таму некаде. Патувањето и фотографирањето се сѐ уште нашата сегашност и иднина. Но со некои измени што ќе го направат патувањето поинтересно за нас и за тие што ја следат нашата приказна. Засега немаме план да затанеме и да живееме во Македонија или во која било друга земја.

Manu9

Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 244 бр. на Неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top