| четврток, 6 декември 2018 |

Гонзало Игуаин ги урна сите надежи на Монако за ново финале во Лигата на шампионите (видео)

juventus 1

Во првиот меч од вториот полуфинален дуел од Лигата на шампионите италијанската екипа Јувентус славеше голема победа на гостувањето на „Луј Втори“ против Монако со 2-0.

Фудбалерите на „старата дама“ по денешната победа направија голем исчекор кон своето второ финале во последните три сезони, во 2015 во финалето беа поразени од Барселона.

Како и во повеќето натпревари на тимот од Торино главни играчи беа безвременскиот Џиџи Буфон, и гол-машината Гонзало Игуаин кои направија капитална предност за својата екипа.

monako

Натпреварот почна со две одлични шанси за Монако преку Килијан Мбапе, но Џиџи со бравурозни одбрани спречи водство за тимот од кнежевството. Јувентус полека се ослободуваше од притисокот на домаќините, а во 29. минута по една прекрасна акција, по две пети на Дибала и Алвес топката стигна до Игуаин, кој со рутински удар го совлада домашниот голман за водство од 0-1.

Монако се обиде веднаш да возврати, но италијанската одбрана успешно ги прекинуваше сите налети на кнезовите, за да на одмор фудбалерите на „старата дама“ заминат со предност од 0-1.

На стартот на вториот дел Монако повторно прв се закани, Бернардо Силва прекрасно го проигра Фалкао, кој излезе сам пред Буфон, но млако шутираше и не донесе израмнување. И повторно иста слика од првиот дел, Лемар погреши на средината на теренот, Дибала додаде до Алвес, а овој повторно одлично го проигра Игуаин кој прецизно биеше за водство од 0-2.

juventus

До крајот на натпреварот избраниците на Жардим се обидуваа да постигнат барем погодок за зголемување на шансите во реваншот, но гранитната одбрана на Јувентус без проблеми ги отстрануваше сите опасности, кои главно беа од полу-шанси и на крајот заслужено триумфира со 0-2.

По вчерашната убедлива победа на Реал Мадрид и денешниот гостинки триумф на Јувентус се наѕира финалниот пар за Кардиф. Реванш натпреварите се играат веќе следната недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top