| четврток, 6 декември 2018 |

Не обидувајте се да нѐ направите соучесници во злосторството против Македонците

mirka

Ние, населението на Македонија, Македонците, сме горди на себе, горди сме на Дурловски, Дамовски и Илиевски, на Петрушевски, Јовановски, Kлимовски, Бошњаковска и на сите други водачи и учесници во движењето ,,Жолто-црвена Македонија“, пишува Мирка Велиновкса во својата анализа со наслов Лакрдија е да го гониш народот, а да ги браниш пучистите за „Дневник“.

„Повикот на апатичните и неспособни политичари и Соросовите медиумски платеници, полицијата и судството да ги откриеле и казнеле оние што во Собранието тепаа заштитени со имунитет криминалци, фашисти и квислинзи е тешка лакрдија, која се одигра своевремено и во Струга, кога очи в очи со народниот гнев се најде Владо Бучковски и пред тоа кога со таков народен гнев се сретна Љубе Бошковски по арачиновската дубара во 2001 година. Безобразно е вината за вартоломејската ноќ во Собранието да им се лепи на водачите на Народниот фронт за Заедничка Македонија, кои немале контрола врз настаните, а не на оние што со своите ,,политики“ и процедури дозволија вака да ескалираат работите. Народот кротко очекуваше расплет на кризите што ги имплантираа американските и европските амбасадори по налог на своите влади веќе две години. Верувајќи дека македонските политичари знаат и умеат да ги заштитат државата и интересите на своите граѓани. Ама се покажа дека во Македонија сега нема способни и одважни политички дејци што ќе го пресечат Гордиевиот јазол. Државната политика е сведена на,,купи ден – продај“ стратегија. Никој од постојните нема таков капацитет или, што би рекол Никола Груевски, толку можат. Само, да расчистиме. Вакво искрено признание за слабо бабуле може да биде некаква олеснителна околност доколку стои во сивито на секој од нив пред да истрча на избори како кандидат за народен претставник. За да знае избирачот дека стоката што е изнесена на тезга има фелер. На пример, кусоглед е, плашлив, сметкаџија, кариерист, митаџија или сл. Признание за лична слабост и ограничени способности е крајно несоодветно и штетно кога се дава среде отпочната битка. Особено откако се мантра 24/7 дека постои партија што немало да дозволи растурање на Македонија, а сите гледаме дека ниту една државна институција со која раководат не дејствува според Уставот и законите.“

„Државното обвинителство дури се дрзна да не го ферма ни шефот на државата, кој побара од обвинителите да си ја вршат уставната должност во третирањето на превратниците. Kому не му е јасно дека паликуќата, растурачот, силеџијата и убиецот не ги вршат своите дела по процедура и демократски? Затоа и не можете со нив да се справите демократски и процедурално. На агресивен канцер не одите со седативи и аналгетици. На гангрена не одговарате со чајче и мелем. Пучистот и криминалецот и воениот злосторник не го каните на дијалог, па уште разумен да бил. Дајте, не обидувајте се да не правите улави и ваши соучесници во злосторот против Македонија и Македонците! Здравиот разум е со нас, а богами и Светиот дух. Не играјте си со нашата добра волја и желба за мир и соживот. Не спречувајте го народот да се самоорганизира за одбрана на сопственатиот дом и земја. Ако сегашниве политичари самите велат дека немаат сила за борба, оставете граѓаните сами да си изберат способни меѓу нив“, пишува Велиновска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top