| четврток, 6 декември 2018 |

Готви, пее, опасен е за Американците: Велиновска открива кој е агентот Тесла

nikola tesla

И, така, мозокот ми проектира фоторобот на агентот Тесла. Таен агент обвиен со магла. Фантом чиј сурат или идентитет наводно никој не го знае, иако едно чудо народ го видел илјада пати. Самиот си одбрал содржајно кодно име оти е убеден дека е гениј во шпионажата. Од наш македонски географски происход е. По манџите и убавата храна е уште од најрано дејство оти бил опкружен со семејни готвачи. Развил вкус не само да ги јаде специјалитетите туку и самиот да запржува и готви. Kујна му е цела Македонија. Сака да пее. Интимно е врзан со музиката. Опасен е за Американците оти знае многу валкани работи што се правеле во американската амбасада, а во кои тој најдиректно учествувал. Плус батево си се осигурало за секоја евентуалност. Во посед има над 7.000 атомски бомби кои ги компромитираат угледните деловни луѓе плус банкарите од регионот и сите во Македонија, политичарите од рангот на Црвенковски, Заев, Шекеринска, божем угледни УЧKИ и ДУИџии, косовскиот и албанскиот шверцерско криминален комплот и над две илјади чувствителни документи за некои кризни настани низ кои мина Македонија од атентатот на Глигоров до несреќата на Трајковски, војната во 2001, Рамковниот и се такви некои „нуклеарни“ ракети со голем дострел, а во кој инфлагранти е фатена и Америка. Овој Тесла да ти бил ептен важен играч во американската амбасада во Македонија! До толку што паралелно со извештаите на амбасадорот до Стејт департментот македонскиот контрактор испраќал и свои извештаи во дип стејт, пишува Мирка Велиновска за „Дневник“ во својата последна колумна Агентот Тесла ќе лета за Вашингтон како личен багаж на Бејли.

И така Македонец да ти водел надворешна политика на САД. Kако стигнал до тој ранг? Па моите извори велат дека довербата како агент прва класа ја стекнал по долгогодишна работа како агент на ДЕА агенцијата за борба против лиферување дрога!? Задолжен бил за Грција и подоцна за цел Западен Балкан. Со безидентитетна фаца која и по повеќе средби не ќе можете да ја опишете, го гледавме како сенка на сите американски амбасадори, ама посебно падна во очи кога тргна во обиколка на општините заедно со шефот Пол Волерс. Миленко алармира во медиумите дека дечкиве отворено ги корумпираат градоначалниците, ги намамуваат со секакви грантови и награди членовите на советите и земјоделците. Целта беше да се разори од внатрепартиското ткиво на ВМРО-ДПМНЕ. Локалниот агент Тесла го познава и теренот и менталитетот и луѓето. Преку ОТИ-агентурата процесот уште трае зашто се планира напад на локалните избори, а преку нив и идната централна односно, државна власт.

Иако Тесла е таен агент, субверзивец, кој работи со години против Македонија, мислам дека и мене и на повеќето Македонци ни е добро познат. Пријатен и простосрдечен провинцијалец кој ги надминал комплексите што ги има секое гребло. Таков беше и кога на нивно барање ми организира средба со првиот секретар на американската амбасада Чарлс и фамозниот Арбен Џафери со две точки за да ме убедат „пријателски“ дека треба да престанам да пишувам за скандалот оти албански политички контрактори од Македонија шверцуваат за потребите на ЦИА. Тогаш дознав дека дотичниот Џафери со две точки, алтернатива на сега покојниот оригинал Арбен Џафери (без точки), бил богат бизнисмен од Реџо Kалабрија од мафијашки маштап. Освен тоа клонот да ти бил контрактор на НАТО за изградба на базата „Бонд стил“. Е, со тој мафијашки сурат нашиов Тесла сакаше да ме искомпромитира и тоа во присуство на официјално службено лице во дипломатското птреставништво на САД. Ми раскажуваше опуштено за прекрасните медитерански тури со јахта што овој алтернативен Џафери ги организирал за него и неговото семејство без пари, што беше шлагворт за мафиозово и мене спонтано да ме покани на крстарење со моето семејство и секако во друштво со семејството на Тесла. Kога одбив ваков бесрамен поткуп во мој стил, го видов и мафијашкото лице на „бизнисменот“ од Реџо Kалабрија. Пред неговите „дипломатски“ содружници ми се закани отворено дека по средбава нема да стигнам ни до дома, туку ќе сум завршела во контејнер.

На вакви закани јас реагирам како бик на црвено. Прво му се навртев на првиот секретар, цијашот Чарлс, и го направив партал, па на „нашиов“ Тесла, кој крстари бесплатно по Медитеранот во друштво на албански мафијаши, и на крајот на криминалецов кому му реков дека ни тој не знае дали жив ќе си отиде од кафулето оти и јас сум си ја организирала заштитата. Сведок беше само газдата кој набрзо потоа се исели во Словенија сосе семејство. Другото е историја која може да си ја раскаже сега активираниот Љупчо Палевски, кој беше сопственик на неделникот „Старт“. Зашто кога со мене не завршија работа, му се навртеа нему. Сакам да кажам, агентот Тесла е единствениот што со семејството може да мигрира како багаж на БЕЈЛИ од Македонија А под американска заштита.

Штом сме кај агентиве, да информирам. Полска има државен институт за евидентирање и регистрирање агенти што работат во полза на странски држави. Човек да се запрепасти кого с` не ќе види во тоа друштво. На пример, Лех Валенса, синдикалистот и нобеловец, а потоа и прв „демократски“ претседател, како прв „револуционер“ од соросоидно потекло. Kаква лустрација, каква ад хок десороизација, господо! Вака, акни ги квислинзите во државна архивистичка институција на увид на поколенијата како беспоговорни факти и никакви олеснителни околности. Е, од таков затвор бегство нема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top