Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со особено задоволство објавува дека во најновата продукција на оваа куќа се најдоа и неколку интернационални бестселери што ги срушија сите рекорди на читаност во светот, а зад чии филмски остварувања стојат едни од најдобрите филмски екипи. Станува збор за модерната дистописка сага Круг од Дејв Егерс, биографската приказна за Стивен Хокинг – Пат кон бескрајот од Џејн Хокинг и за вториот дел од научнофантастичниот серијал Лавиринтот, Бегство низ пустошот од Џејмс Дашнер.
Романот Круг од Дејв Егерс е застрашувачка визија на блиската иднина во која приватноста исчезнува, а со светот владее корпорација моќна како Гугл, Фејсбук и Твитер заедно. Откако ќе ја вработат во Круг, Меј Холанд сфаќа дека ѝ се укажува животна шанса. Круг, со седиште во Калифорнија, ги поврзува личните електронски адреси, профилите на друштвените мрежи, услугите на онлајн-банкарството и пазарот, со својот универзален оперативен систем, создавајќи онлајн-идентитет за секого, со што почнува нова доба на транспарентност. Меј одушевува со своите идеи во компанија каде што се одржуваат целодневни забави, се организираат спортски настани и ручеци, познати музичари свират во паркот, а има дури и аквариум со ретки риби, за што е заслужен генералниот директор. Она што почнува како приказна за една млада амбициозна жена полна со идеали набргу станува возбудлив роман полн со неизвесноти, кој ги отвора прашањата за важноста на сеќавањето, историјата, приватноста, демократијата и на границите на човековото знаење. Општеството од блиската иднина е прикажано како доброволна антиутопија чии граѓани со одушевување потпишуваат секој миг од нивниот нов живот да биде сниман од окото на камерата, а на децата да им бидат вградени сигурносни чипови.
Дејв Егерс е еден од водечките американски автори и со овој роман застанува рамо до рамо со класиците како 1984 на Џорџ Орвел, Храбриот нов свет на Олдус Хаксли или Ние на Евгениј Замјатин. Истоимениот филм на Џејмс Понсолд, чија премиера беше на 28 април, е со Ема Вотсон и Том Хенкс во главните улоги.
Професорот Стивен Хокинг е еден од најпознатите и највлијателни научници на нашето време и автор на бестселерот Кратка историја на времето, продаден во над 25 милиони примероци, а во неодоливите мемоари Пат кон бескрајот – мојот живот со Стивен неговата прва жена, Џејн, ја открива тајната приказна за овој необичен брак. Во текот на шеесеттите години од минатиот век, Стивен Хокинг, за време на студиите по космологија на Кембриџ, се вљубува во Џејн. Посветен на љубовта и на науката, овој брилијантен млад човек не насетувал дека ќе го затече болест поради која ќе биде осуден на доживотна битка за опстанок. Џејн несебично одлучува да остане покрај него, а љубовта и безусловната поддршка им влеваат храброст да основаат семејство. Додека телото на Стивен се менува од година во година, соочувајќи се со голема болка и ограничувања, неговиот ум неуморно тежнее да ги истражи крајните граници на теоретската физика. Преку голем број несогласувања, но и искрена приврзаност, тие двајца им пркоселе на препреките и заедно оствариле повеќе отколку што можеле да сонуваат.
Би рекле дека неговиот блескав ум го промени нашиот свет, а нејзината бескрајна љубов го промени него. Книга полна со оптимизам, љубов, борба и промена, која ќе допре до секој читател. Оскаровскиот филм Теорија за сѐ од 2014 година е снимен според оваа книга.
По успешниот прием кај публиката на првиот дел, во издание на „Антолог“ излезе и вториот дел од тинејџерскиот мегахит Лавиринтот – Бегство низ пустошот од Џејмс Дашнер. Решавањето на Лавиринтот требаше да биде крајот и Томас беше сигурен дека бегството ќе значи слобода за Лединарите. Но ЗЛОПАК уште не завршил со нив. Почнува фаза 2. Пустошот. Нема правила, нема помош. Или ќе успеат или ќе умрат. Томас и другарите имаат две недели да го поминат Пустошот – пеплосаниот дел од планетата. А ЗЛОПАК ќе постави нови променливи пречки што треба да ги спречат во намерата. Пријателството ќе биде ставено на тест, лојалноста ќе доживее предавство. Ништо не е како претходно. Веќе постојат некои други. Нивниот опстанок зависи од уништувањето на Лединарите – а тие се решени да успеат.
Футуристичката антиутопија Лавиринтот е сметана за современа класика, а филмовите снимени според овие книги ја доживеаја речиси истата популарност како и романите.
Сите три наслови се број 1 бестселери на Њујорк тајмс, а нивното објавување во „Антолог“ значи освежување за преводната едиција „Бранови“, која досега доби огромен број позитивни критики како од читателите така и од стручната јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.