Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти и на вториот дел на Марвеловите „Чувари на Галаксијата“, кој ќе почне да се прикажува во Скопје од следниот четврток (4 мај).
Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект работеле вкупно 68 артисти од ноември минатата година до февруари 2017-та.
– Овој проект го работевме во соработка со Метод студиос и на филмот беа изработени околу 60 кадри. Со нетрпение очекуваме да го видиме конечниот резултат. Од она што се навестува за филмот низ медиумите и форумите, не очекува забава која е типична за Марвел. За визуелните ефекти оставам да погледнете и сами да оцените, изјави Даниловски.
Филмот е во режија на Џејмс Ган со спектакуларната актерска екипа составена од Крис Прат, Зое Салдана, Дејв Батиста, Бредли Купер, Карен Гилан, Пом Клементиеф, Елизабет Дебитски, Крис Саливан, Шон Ган, Силвестер Сталоне и Курт Расел.
Чуварите мора да се борат за да го одржат своето новостекнато семејство додека Питер Куил го открива своето потекло, притоа старите непријатели стануваат сојузници, а милениците на фановите од популарниот стрип се одзиваат на повикот за помош како што Марвеловиот филмски универзум продолжува да се шири.
Премиерата на вториот дел на „Чувари на Галакасијата“ е закажана за 4 мај во киното Синеплекс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.