Зоран Заев стана нов лидер на СДСМ поради што неговиот противкандидат Зоран Јовановски си заминува од раководството на партијата. Тој најави дека битката за социјалдемократските вредности отсега ќе ја продолжи индивидуално.
– На Конгресот пред делегатите беа понудени концепти и визии за функционирањето на СДСМ во наредниот период и тоа концепти и визии кои суштински се разликуваат. Делегатите пред себе ја имаа шансата да го насочат СДСМ по патека која е нова и поинаква, но тие направија друг избор и јас тоа целосно го почитувам. Притоа, не сакам да бидам било каква пречка за реализација на концептот кој што беше избран. Впрочем, вистинското единство отсекогаш сум го сфаќал како единство околу избран концепт- рече Јовановски.
Тој јавно му ја честиташе победата на новиот претседател Зоран Заев.
Јовановски, кој по бројот на гласови се најде веднаш по Заев, им се заблагодари за поддршката на делегатите. Упати благодарност и до сега веќе екслидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, за, како што самиот вели, шансата четири години да биде во највисокото партиско тело на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.