| четврток, 6 декември 2018 |

Цуцуловски: Ова не е време за лични суети, туку време за задржување на државата инаку ќе останеме бездомници

Ljubomir-Cuculovski-int233-740x320

ЗА ДОМОТ, ОДГОВОРНОСТА И ЗА НЕОДГОВОРНОСТА НА ОДГОВОРНИТЕ. Во четвртокот, на 27.04.2017 год., претседавачот на Собранието ја прекина собраниската седница и ја напушти салата. Поголема група пратеници одлучи да продолжи со работа како седницата да не е прекината и како собраниската сала да не ја напуштил претседавачот на Собранието. Во понатамошната работа („работа“) со седницата претсeдаваше најстариот пратеник. Со мнозинство гласови, од вкупниот број на пратеници, беше избран („избран“) нов претседател на Собранието. Тоа е, во основа, фактографијата на работата на Собранието и изборот на нов собраниски претседател од 27.04.2017, пишува професорот Љубомир Цуцуловски на својот Фејсбук профил.

Оттогаш, Република Македонија и нејзините граѓани се наоѓаат во своевиден шок, кој е на раб на коматозна состојба, бидејќи бројните експерти по право, како и по уставно право молчат. Молчат стручните и правните служби на Собранието, вклучувајќи го и секретарот на Собранието, кои се, исто така, задолжени да информираат за неговата законска работа. Она што секој граѓанин, без ничија помош, може да го провери е следново: А) Дека „… новоизбраното Собрание се состанува на конситутивна седница најдоцна за 20 дена по одржаните избори“; Б) дека „Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од предходниот состав“ и В) дека доколку „не се закаже седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат (не е кажано на чиј повик се состануваат, заб. Љ.Ц.) и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од завршените избори.“ Претходното (од А до В) е опфатено се член 63 од Уставот. Во член 64 пишува дека „Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“ Толку може да се најде во Уставот, поврзано со избор на нов собраниски претседател. Во него не е предвидено како треба да се постапува во ситуација каква што беше на 27.04.2017. Сè е општо, штуро. Можеби тоа е предвидено со закон или со Деловникот за работа на Собранието? Меѓутоа, експертите кои се јавуваат во медиумите кажуваат, исто така, општи места, кои ништо не помагаат, ниту нешто разјаснуваат. Имено, едни велат дека сè било во согласност со Уставот, законите и со Деловникот. Други тврдат спротивно – дека ништо не било во согласнот со Уставот, законите и со Деловникот. Меѓутоа, ниту еден не кажува (барем колку што сум чул/прочитал) со кој член од Уставот, законите или Деловникот легално е избран, односно е неизбран новиот („новиот“) претседател на Собранието. Ваквиот однос на оние кои се повикани да ги оценат настаните од 27.04.2017. не само што е крајно непрофесионален, туку и морално е несфатлив во однос на граѓаните, од чии даноци живеат. Ништо помала не е одговорноста и на политичките партии, особено на нивното членство, бидејќи без членството не се можни ни лидерите. Тие ги бираат („бираат“) и разрешуваат („разрешуваат“) Сепак, молчат како занемени риби. Молчи и најголемиот број пратеници.

Затоа, без било какво одлагање, сите што на неков начин се повикани треба точно, незавиткано, да кажат дали може легално да биде избран претседател на Собранието, кога седницата на која е избран („избран“) е прекината и кога дотогашниот претседавач не е присутен, ниту е разрешен, а во негово отсуство е избран нов претседавач. Понатаму, дали може да се прекине точка од седницата и да се премине на наредна – избор на нов претседател на Собранието. Ако не, тогаш нека се каже, повикувајќи се п р ец и з н о на Уставот, законите и Деловникот, дали тоа се прави на нова собраниска седница, кој ја свикува новата седница и п о с л е колку време од нејзиното свикување почнува да работи.

Сè друго би било паушално и импровизирано. Меѓутоа, со паушални и импровизирани мислења не се гради солидна, туку паушална и импровизирана држава, со, исто така, паушално и импровизирано избрана Влада, која ќе биде со краток рок. Потоа, сè наново. Освен, ако во меѓувреме, паушалната и импровизираната држава не отиде во неповрат. Ситуацијата е повеќе од критична, за да можат оние кои се повикани да ја разјаснат (како неопходен услов за нејзино надминување) да се поигруваат и меѓусебно да се циничат и окривуваат. Ова не е време за лични страсти и суети, туку ова е време за задржување на домот/државата. Инаку, ќе останеме бездомници/талкачи.

цуцул

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top