Македонската А репрезентација ги заврши подготовките во Малме пред натпреварот со Шведска на арената „Сведбанк“. Последниот тренинг го пропушти Даниел Георгиевски и, за жал, поради повреда на адукторотм тој нема да игра против Шведска, вечерва од 19 часот.
– Жал ми што поради повреда не сум во можност да му помогнам на тимот. Повредата бара одмор и мирување, а тоа значи дека веројатно ќе го пропуштам и следниот натпревар против Норвешка. Сезоната во Стеауа беше многу напорна, физички сум исцрпен, тоа е главна причина за ваквиот тип повреди. Дадов сѐ од себе да му помогнам на тимот, но ме спречува болката. Репрезентацијата на поинаков начин ќе ја има мојата поддршка и се надевам дека на крајот заеднички ќе се радуваме на позитивен резултат – изјави Даниел Георгиевски, за официјалниот веб-сајт на ФФМ.
Иван Тричковски има искуство против Шведска. Пред седум години еден од нашите најдобри фудбалери беше дел од младата репрезентација која излезе на мегдан против викинзите. Тогаш нѐ поразија Швеѓаните со 3-1, а Тричковски вели дека сега ќе биде многу поинаку.
– Одработуваме квалитетни подготовки и очекувам да бидеме максимално подготвени. Ќе биде тешко, Шведска е голема репрезентација, но не смееме да губиме надеж. Не чувствувам притисок, сакам да играм против големи имиња, го научив тоа во последните неколку сезони. Мислам дека тимот е подготвен да издржи силен ритам. Иако бевме поразени, натпреварите против Белгија значеа многу за овој состав, собравме доволно искуство и со малку среќа, тоа можеме да го искористиме во Малме. Шведска е поискусна од нас, тоа е јасно, од друга страна во нашиот состав ќе има неколку промени, но тврдам дека со овој начин на работа ние сме на добар пат. Имаме обврска да потврдиме дека вредиме и со оптимизам гледаме на натпреварот против Шведска иако признаваме дека нѐ чека тешка задача. Се надевам дека ќе се претставиме на вистински начин – изјави Иван Тричковски.
Селекторот на репрезентацијата Чедомир Јаневски повтори дека е оптимист, иако не може да смета и на Даниел Георгиевски.
„Се потврдува ставот дека мораме да имаме најмалку барем двајца фудбалери на секоја позиција. За некои од фудбалерите сезоната беше исклучително напорна, но без оглед на тоа мислам дека сеуште имаме сила. Натпреварот против Шведска е голем предизвик, иако за секои настап во националниот тим играчите мора да соберат дополнителна енергија. Во спортот никогаш не знаете, модерниот фудбал не простува потценување. Швеѓаните се фаворити, ги почитуваме, но ќе излеземе да го играме нашиот фудбал. Ќе видиме колку тоа ќе биде доволно за позитивен резултат“, е изјавата на Јаневски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.