| четврток, 6 декември 2018 |

Божиновски: Нека освојат повеќе советници и нека бараат избори

Ако СДСМ не излезе на локални избори и натаму го бојкотира парламентот може да се случат внатрепартиски превирања, што може да доведе до распаѓање на партијата, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски

bozinovski500СДСМ може да го провери рејтингот на локални избори и доколу освои доволен број на советници ќе има кредибилитет да побара предвремени избори.
– Доколку се дозволат овие избори, тогаш што спречува било која опозиција во наредните 50 години на секои шест месеци да направи конструкција како што беше А1 или буџетот и да бара избори. Тоа значи закочување за државата. Доколку политичката партија што е на власт предложи своја програма и вети нешто што треба да го исполни во наредните четири години доколку биде во постојан изборен циклус, тие ветувања нема да ги исполни- изјави Владимир Божиновски на денешната трибина организирана од Институтот „Павел Шатев“, насловена „Демократија- во институциите или надвор од нив?.

Најлошиот и клучен проблем, според него, се појави кога СДСМ излезе и кажа дека не само што нема да се врати во Парламентот, туку и дека ќе ги бојоктира редовните локални избори. Условите за опозицијата да избира министри и барањето за предвремени парламентарни избори ги оцени како неодговорни.

За излез на опозициската СДСМ од, како што рече, кризата која сама ја наметна и ја продлабочи со поставувањето услови за менување министри и предвремени парламентарни избори, Божиновски посочи три можни сценарија.

– Врвот на партијата да опстои на својот бојкот, бидејќи владејачката партија нема намера да ги менува изборите, ниту да прогласува вондредни избори секогаш кога ќе посака опозицијата. Тогаш ќе се случат внатре партиски или внатре коалициски превирања, бидејќи има неколку моќни личности кои може да победат на тие избори, што може да резултира и со распаѓање на партијата, смета Божиновски.

Може да се обидат да опстојат од една страна со бојкотот, но да им дозволат на успешните гардоначалници да се кандидираат како независни, со поддршка на СДСМ или да излезе лидерот на партијата и да каже дека ќе излезат на локалните избори и без прифаќање на нивните барања, па, како што рече, народот ќе каже. Но, нагласи Божиновски, тогаш се губи кредибилитетот на партијата и на лидерот, бидејќи ќе се види дека целата политичка тензија и обид за создавање политичка криза во временски период од исклучително значење за Република Македонија била во насока на една промотивно пропагандна кампања на СДСМ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top