Давор Стојановски (30) е овогодишниот добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Стојановски ја доби наградата за својот втор роман „Собирачи на пепел“ во издание на „Или-или“, а пред четири години со „Ненасловена месечева соната“ влезе меѓу најсериозните конкуренти за наградата. Вреди да се пишува за секој одделен читател иако малку е разочарувачки што читањето драстично опаѓа во нашите средини. Но, вреди да се пишува, токму затоа што има луѓе на кои знаеш дека романот им е составен дел од животната надградба – вели Стојановски во разговорот за „Република“.
Честитки за наградата „Роман на годината“ за „Собирачи на пепел“, кој е Ваш втор роман. Пред четири години со првиот роман „Ненасловена месечева соната“ влеговте меѓу најсериозните конкуренти за оваа награда. Каков роман е „Собирачи на пепел“?
СТОЈАНОВСКИ: Би рекол дека е динамичен и современ роман со цврста структура. Носечкиот настан се одвива во еден ден (главниот лик првпат присуствува на погреб), а сите останати поглавја се, всушност, неговите сеќавања од различни животни периоди, при што ни се загатнува и делумно разоткрива мистеријата зад неговите убедувања. Ова е роман за една специфична носталгија, кој ги опфаќа прашањето на вдоменоста, разединувањето од познатиот свет, бегството од минатото, роман за отсутноста и за припадноста.
Главниот лик во „Собирачи на пепел“, Јаков, е типичен егзистенцијалистички лик. Преку Јаков говорите за осаменоста и за неможноста да се воспостават цврсти и стабилни врски со блиските и со околината. Толку ли е Скопје зачмаено?
СТОЈАНОВСКИ: Сметам дека приказната на ликот и на самиот роман ги преминува границите на Скопје. Се работи за универзална приказна и тематика, кои мислам дека би биле лесно приемливи и во други средини. Во случајот на „Собирачи на пепел“, Скопје се појавува (на еден начин) и како придружен лик, но тоа би можело да биде кој било друг град. Сепак, поради мојата блискост до него (бидејќи таму сум роден и израснат), најубаво можев да го доловам во нарацијата. Дејството на романот се одвива во повеќе години, кои беа доволни за да се долови променливиот лик на градот, како и сето она што непосредно му се случува на ликот, заглавен во него. Мојот протагонист, можеби, го доживува Скопје како зачмаен град, а јас би рекол и дека не е далеку од вистината. Воопшто, градот во многу аспекти доби карикатурални црти.
Се појавија една нова генерација писатели и поети чиишто книги се печатат, се купуваат, се преведуваат и стануваат дел од антологии. До кога ќе се делат писателите на млади и на стари? Дали Ви пречи таа, условно кажано, поделба?
СТОЈАНОВСКИ: Ми пречи и малку ме чуди. Имам 30 години и речиси никогаш не пропуштаат да истакнат дека сум млад. Не знам на која возраст се губи овој епитет и дали потоа следува друг (на пример: постар писател). Отсекогаш сметав дека оваа придавка се користи и како опомена, а некогаш може да им служи на одредени лица и како омаловажување. Пред некое време, пак, во една статија, забележав дека еден писател на приближна возраст како мојата, не беше напишан како помлад, за разлика од мене, па тоа дополнително ме натера да помислам за природата на оваа карактеризација. Најпосле, делото е тоа што е важно и треба да биде во фокус при читањето и анализирањето книжевност, а не авторите. Човек, едноставно, е писател или не е тоа. Квалитетен е – или не е. И тука возраста нема никаква улога.
Дали денес светот сака да го чуе гласот на писателот?
СТОЈАНОВСКИ: Писателите одамна го креваат гласот против сите неправедности во многу делови од светот, а така беше и со предупредувањата пред да се случат голем број зла во Европа и пошироко последните години. Секој вистински писател е на страната на правдата и на вистината, и треба да се избори за нив. Но, за жал, ретко кој го слуша нивниот глас. Сметам дека писателите се само лица што најчесто остануваат на маргините како придружни вести во делот за култура, што е резултат на општата криза на продуховеноста во светот. А кај нас, во Македонија, верувам и дека перцепцијата за авторот и за неговата улога во општеството е сосема искривена.
Постојат ли барем мал број луѓе заради кои вреди да се биде писател?
СТОЈАНОВСКИ: Вреди да се пишува за секој одделен читател иако малку е разочарувачки тоа што читањето драстично опаѓа во нашите средини. Но, вреди да се пишува, токму затоа што има луѓе на кои знаеш дека романот им е составен дел од животната надградба. Огромно е задоволството кога романот ќе стигне до луѓе кои никогаш не си ги запознал. Сепак, најубаво е чувството кога делото ќе биде прочитано и добро прифатено од читателите со истенчен вкус и со поизострен книжевен сензибилитет. Откако ќе ја напише книгата, авторот треба да е горд на тоа што го напишал, никогаш не треба да го има за цел тоа колку и кои луѓе ќе го прочитаат. Според моето убедување, добрата книга порано или подоцна ќе дојде до правилните раце и ќе си го најде вистинското место.
Извесен период живеете во Австрија. Што работите? Дали уште активно се занимавате и со музика?
СТОЈАНОВСКИ: Во моментов преведувам од словенечки на македонски. Се обидувам и да го зголемам познавањето на германскиот јазик за да можам подобро да се интегрирам во сферите на општеството за кои имам интерес. Секако дека никогаш не ја оставам музиката настрана. Имам голем материјал, кој во иднина би го снимил сам или со некој од претходните бендови, а некои песни би им ги дал и на други изведувачи.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Моника Стојановска
(Текст објавен во 243. број на неделникот „Република“, 28.04.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
Давид Фоенкинос: Романот се пишува и кога не сум седнат зад компјутер!
-
Почина писателот Есад Бајрам
-
Јуси Адлер-Олсен, дански писател: Политичарите во Европа едноставно повеќе не се способни, едноставно не се добри!