Наградата „Мостови на Струга“ за дебитантска книга што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО му е доделена на Горан Чолакхоџиќ од Хрватска за книгата „На крајот таа градина“, соопшти УО на оваа манифестација.
Во образложението се истакнува дека ова дело содржи „зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во хрватската литература, но и во светската поезија“.
-Оваа награда ќе биде дополнителен поттик во нејзиниот творечки развој и придонес во распространување на поетските вредности на нејзиното творечко остварување за кое му е доделена, се вели во соопштението.
На конкурсот пристигнаа 20 книги од 16 земји. УО и дирекцијата на СВП констатираа дека пристигнатите книги се со исклучителен квалитет и дека конкуренцијата за наградата во 2017 година е на високо ниво.
Горан Чолакхоџиќ е роден во 1990 година во Загреб, а живее во Самобор. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирал и магистрирал на студиите за романски јазик и книжевност и на англиски јазик и книжевност. Досега превел четири книги од и на јазиците на кои специјализирал, самостојно или во соработка со други преведувачи. Во 2016 година е избран да учествува во проектот Версополис, како претставник на Хрватска. Неговите песни се преведени на англиски, романски, полски и холандски јазик.
Книгата „На крајот таа градина“ е објавена во 2015 година, како награден ракопис со престижната хрватска награда „Горан за млади поети“, во конкуренција од седумдесет и еден пристигнат.
Со наградата „Мостови на Струга“ е наградена со уште една престижна интернационална награда, со што добива уште едно дополнително вреднување и потврда на несомнените уметнички вредности. Во една исклучителна конкуренција од дваесет пристигнати книги, „На крајот таа градина“ е наградена заради автентичниот поетички став во третманот на односот на човекот и природата, на вечните теми на минливоста, на постоењето и смртта итн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.