Многумина забораваат дека албанските екстремисти не ја сакаат само Србија до Ниш туку и Црна Гора до Подгорица, Македонија до Скопје и Грција до Солун. САД и ЕУ мораат јавно да ги осудат заканите од Рама и од Хачим Тачи. Ако тоа не го направат ќе бидат одговорни за можните страшни последици, вели српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во интервју за „Информер“.
Според него, јасно е дека ова е проект за создавање на „Голема Албанија“ што би значело војна на целиот Балкан. Тој во интервјуто се осврнува и на состојбата во Македонија и барањето на Зоран Заев и на партиите на Албанците Србија да ја осудат за геноцид.
– Многумина во регионот кога не знаат што да прават зборуваат за некаков геноцид кои го извршиле Србите. Нѐ обвинуваат од Сараево, од Приштина, па дури и од Скопје. Еве сега за време на преговорите на Зоран Заев и на Албанците за нова влада измислиле некаков геноцид кој наводно Србите го извршиле над Албанците во Македонија од 1912 до 1956 година. Каква е таа глупост и најстрашен фалсификат. Зарем ние вршевме геноцид до 1956 година. Како? Со кого? Дали тоа значи дека и Тито заедно со Србите вршел геноцид над Албанците? Тој беше на власт од 1945 година. Тоа се страшни лажги на човек да му се смачи, но очигледно тоа стана бизарна мода Србите и Србија да се обвинуваат за геноцид. Уште фали да нѐ обвинат за геноцид над Индијанците – вели Дачиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.