Новиот селектор на македонската репрезентација, Раул Гонзалез за помошник во националиот состав ќе го земе поранешното десно крило на ПИК Сегед и негов сонародник Шпанецот Роберто Гарсија Парондо.
Парондо нема никакво тренерско искуство бидејќи до минатата сезона беше активен играч. Она што е доста интересно што новиот помошник е некогашен соиграч на капитенот Кирил Лазаров и на Гонзалез. Во сезоната 2010/2011 Лазаров и Парондо заедно настапуваа за Суидад Реал каде токму македонскиот селектор беше помошник на Талант Дујшебаев.
Новиот селектор го закажа првиот собир во рамките на подготовките за квалификациските дуели против Исланд за пласман на Европското првенство оваа година.
Од неофицијални информации се дознава дека ерата на Давид Дејвис Камара во Вардар завршува оваа сезона, а негова замена ќе биде токму Парондо.
Шпанецот кој во моментов е максимално посветен и кон реванш натпреварот против Флензбург од четвртфиналето во Лигата на шампионите, во петок треба да го објави скратениот список од 19 ракометари кои ќе се појават во недела на првата прозивка закажана во хотелот „Александар Палас“.
На поширокиот список на Гонзалез се најдоа тројцата ракометари кои не настапија на Мундијалот во Франција, Борко Ристовски, Немања Прибак и Ацо Јоновски. Со овој потег новиот селектор најави дека искуството во овој момент е во преден план, за разлика од неговиот претходник Лино Червар, кој целеше на подмладување.
Натпреварот против Исланд кој се игра на 4. мај е од големо значење за нашата репрезентација во борбата за пласман на ЕП 2018 во Хрватска.
По овој натпревар, Македонија на 7 мај ќе гостува во Рејкјавик, а последните две средби од групата против Украина на гостински терен и против Чешка дома, ќе се одиграат на средината на јуни. Првопласираните две репрезентации од групата обезбедуваат учество на ЕП 2018 во Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.