| четврток, 6 декември 2018 |

Фредерик Бегбеде викендов гостува во Скопје

Фредерик Бегбеде, еден од најпопуларните претставници на француската и европска книжевна сцена, автор на романите „399“, „Љубовта трае три години“, „Романтичен егоист“, ќе го посети Скопје по покана од својот македонски издавач, Издавачкиот центар ТРИ…

frederik_begbede_vo_skopje

„Лошото момче“ на француската книжевност доаѓа да го промовира својот последен роман преведен на македонски јазик, „Уна и Селинџер“, но и да ја запознае својата многубројна публика во Македонија.

Фредерик Бегбеде е автор на 11 романи, есеист, книжевен критичар, режисер, телевизиски водител и (повремен) диџеј. Преку своите романи преведени на повеќе од 80 јазици тој стекнува и светско реноме како еден од најпопуларните современи писатели. Самиот се опишува како производ на консумеристичката ера и олицетворение на денешното општество, па тоа и го отсликува во своите романи.

Го опишува современиот живот без пардон, со нарација која заведува и искреност која вознемирува. Раскажувач на човечката состојба, критичар и припадник на париската елита, како и обземен од сопствената личност, тој не се колеба да изнесува автобиографски елементи во своите дела.

Контроверзен автор кој сака да ја допре секоја област поврзана со „болестите на нашата ера“ и често намерно контрадикторен во своите дела, Бегбеде е личност за која секој има мислење.

Неговиот нов роман „Уна и Селинџер“ е безвременска приказна за една љубов која, како и сите вистински љубовни приказни, во себе обединува моменти на највисока среќа и најдлабока тага, најискрена надеж и најтешки разочарувања. Потпирајќи се на вистинити приказни и на историски факти, Бегбеде го води читателот низ ноќните клубови во Њујорк во четириесеттите години, во битките од Втората светска војна во Франција, среде интригите на филмската индустрија во Холивуд…

Неговите главни ликови се историски личности: славниот и мистериозен писател Џ. Д. Селинџер и Уна О’Нил, ќерката на еден од најголемите американски драматурзи.

Посетата на Фредерик Бегбеде е можеби најголемиот книжевен настан што оваа година ќе се случи во Скопје. Промоцијата ќе се одржи во Јавна соба, на 29 април (сабота), со почеток од 19 часот и 30 минути.

Оваа посета се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top