| четврток, 6 декември 2018 |

Скоро 4 илјади Македонци работат во Катар и Дубаи

dubai

Земјите од Блискиот Исток се новите дестинации за сезонска работа. Наместо Грција, Црна Гора и Хрватска, како што досега беше пракса, Македонците масовно бараат работа во Катар и Дубаи. Шансата да заработат повеќе ја бараат не само младите и невработени, туку и луѓе кои сакаат кариера, пишува во својата анализа порталот „Економски лидер“.

Во моментот, според неофицијални бројки од агенциите кои посредуваат при вработување, во Катар и во Дубаи на работа се заминати околу 4.000 македонски граѓани. Најактуелни и најбарани професии се готвачи, шанкери, менаџери, продавачи.

Предноста на овие земји е тоа што освен плата и здравствено осигурување, на вработените им се обезбедува и авионски билет, сместување, храна и превоз. Зависно од работната позиција, платите се движат меѓу 500 и 1000 долари.

Агенциите кои посредуваат при вработување велат дека оние што бараат работа во Катар и во Дубаи поаѓаат од идејата да заработат поголема сума пари за кратко време, која не би можеле никогаш да ја заработат во земјава. Но, тоа, според агентите, ретко се случува.

– Проблемот на тој дел од светот е што парите не се големи, се движат од 550 до 1000 евра, тоа малку ги одвлекува нашите, ама можноста е кариерата да биде во преден план, оти да се заработи во Катар и во Дубаи е тешко. Дополнително што нашите работници и немаат некои квалификации со кои би можеле да заработат многу. Работата на брод е најидеална можност, таму платите се далеку повисоки – вели Зоран Кочовски од „Коузон“.

Токму од работа на брод има најмногу позитивни искуства, бидејќи, освен добра заработка, нуди можност и за посета на поодалечените земји.

„Јас заедно со жена ми бев да работам на брод речиси четири години, и успеавме да си го опремиме станот дури и кола си купивме“, вели Зоран Јордановски.

Посредниците при вработување објаснуваат дека во моментот поради кризата, во соседството, но и во европските земји многу е тешко да се најде привремена работа. Црна Гора, како најчеста летна дестинација за сезонска работа, ги намали квотите за странски работници, а ако порано платите се движеа до 700 евра, сега се намалени за 40%.

„ Во Грција скоро и да нема работа за нашинци затоа што и самата влада донесе мерки со кои се забранува и регулира вработувањето на странска работа работна сила дури и за Европјаните. Таму и платите се намалени, порано беа до 1200 евра а сега ако се најде над 500 евра тоа е добра работа. Во другите европски држави, ситуацијата е критична. Трета година по ред има мораториум на вработувања во Словенија и Италија“, додава Кочовски.

Според последните информации од македонските амбасади, од Македонија во странство, заминале до 5.000 работници со работни дозволи. Од нив половината се во Словенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top