| четврток, 6 декември 2018 |

Фантастично Ел класико на „Сантијаго Бернабеу“, Меси е јунакот за Барселона (видео)

barcelona

Реал Мадрид и Барселона одиграа дерби за паметење откако каталонскиот гигант во фантастичен натпревар успеа да слави на „Сантијаго Бернабеу“ со 2-3, со голот на Лионел Меси буквално во последните секунди од мечот. Дуелот го одбележаа пресврти, одлични потези и груби стартови (Серхио Рамос доби црвен картон), а Реал има за што да жали бидејќи до самиот финиш имаше резултат со кој титулата му беше на дофат. Вака, Барса ги стигна „кралевите“ по бројот на бодови, но избраниците на Зидан се уште имаат натпревар помалку, оној одложениот со Селта во Виго.

Уште од самиот почеток мечот беше суперинтересен, откако веќе во втората минута Роналдо се најде на земја по стартот на Умтити, домаќините бараа пенал, но судијата Хернандез покажа играта да продолжи. Десетина минути подоцна падна и крв на теренот на „Бернабеу“, откако Марсело при еден дуел го удри со лакотот во лицето Меси, судиите не забележаа, а Аргентинецот со крв на усната го доигра полувремето.

Реал прв поведе во 28. минута откако по една неуспешна офсајд замка Рамос шутираше во дирекот, а одбиената топка Кашемиро ја смести во мрежата. Радоста на „кралскиот клуб“ траеше само пет минути бидејќи Меси ги презеде работите во свои раце, па со прекрасен погодок израмни на 1-1.

Голманите имаа полни раце работа во второто полувреме, прв се закани Реал преку Бензема, но Тер Штеген одбрани, за потоа Навас одлично да интервенира при обидите на Алкасер и Луис Суарез. Роналдо ја имаше најубавата шанса, но на додавање на Асенсио најдобриот фудбалер на Реал биеше над гредата.

real madrid

Казната стигна на спротивната страна преку Ракитиќ, откако хрватскиот ас со фантастичен гол од дваесетина метри во 73. минута ја доведе Барселона во водство. Се чинеше дека „кралевите“ се нокаутирани, уште повеќе откако нивниот капитен Серхио Рамос поцрвене по стартот врз Меси, но Зидан имаше уште еден „џокер“ во ракавот. Хамес Родригез влезе во игра во 82. минута на местото на Карим Бензема, а токму Колумбиецот четири минути подоцна на додавање на Марсело го совлада Тер Штеген, за ерупција од воодушевување на „Сантијаго Бернабеу“.

Барса целосно се отвори во финишот за да постигне и трет гол, но Реал беше тимот што ја пропушти најубавата можност преку Хамес. Судијата покажа само две минути продолжување, но кога сите очекуваа крај Серхио Роберто тргна во продор од сопствената половина, минувајќи некоолку домашни фудбалери, акцијата продолжи на левата страна, по што на повратната топка натрча Меси – за гол буквално во последните секунди и еуфоорична победа на Барселона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top