| четврток, 6 декември 2018 |

Барселона со минус два се враќа од Германија, ПСЖ со гостинска победа во Сегедин

kire lazarov 1

Во првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите, во Германија екипата на Кил одигра атомски ракомет и ја победи Барселона со Кирил Лазаров и Борко Ристовски со 28-26 (16-15). Марко Вујин беше незадржлив и со 10 гола беше најзаслужен за доминантната претстава на германската екипа.

Барса започна одлично, но одржуваше резултатски приклучок само 15. минути. Тогаш германската екипа предводена од Вујин поведе со највисоки +5 (9-4). Сепак, разноврсноста во нападот на Каталонците им донесе намалување на разликата пред паузата. Гостите од Шпанија ја стабилизираа својата игра и со добра игра во одбраната израмнија на 15-15 на 30 секунди до крајот на полувремето. Но, Вујин, кој постигна дури шест гола во воведниот дел, го совлада Ристовски во последните секунди и донесе +1 за Кил на паузата (16-15).

На стартот од второто полувреме нашиот Ристовски се пресели на резервната клупа, а неговото место го зазеде Гонзало де Варгас, кој се врати на терените по операцијата на прстот. Ракометарите на Гисласон одново направија осетна разлика и се одлепија на +4 (23-19). Одбраната на Барса немаше одговор за расположениот Марко Вујин, кој ја решеташе противничката мрежа со секој упатен удар.

vujin

Нашиот Лазаров имаше скромна реализација на шутот (2/8) и не помогна во нападот на својата екипа. На крај заслужена победа на Кил од 28-26 пред реваншот во Шпанија наредната недела.

Вујин со 10, Екберг со 6 и Виенцек со 4 гола беа предводници на „зебрите“. Кај Барселона дури 12 ракометари се запишаа во листата на стрелци од кои најефикасен беше Ентрериос со 4 постигнати погодоци.

ПСЖ му се придружи на Вардар со брејк-победа во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Францускиот првак на гостувањето во Унгарија славеше против Пик Сегед со 27-30 и ја потврди фаворитската улога во овој дуел. Овој триумф трите гола позитива му даваат огромна предност на францускиот шампион пред реваншот на 29 април во Париз.

psg

Уште од стартот ПСЖ имаше контрола на играта и одржуваше предност од 2-3 гола. Домаќините се обидуваа да најдат решение за играта на францускиот дрим-тим, два пати дојдоа до изедначување на 4-4 и потоа на 9-9, но ПСЖ брзо се враќаше во позитива и не дозволи пресврт.

Францускиот тим ја задржа контролата и позитивата и во вториот дел од натпреварот и на крај стигна до важна победа која ги носи чекор поблиску до пласман на Ф4 во Келн.

Никола Карабатиќ и Микел Хансен постигнаа по седум, а Уве Генсхајмер запиша шест гола за ПСЖ. Кај Пик Сегед најефикасен беше Педро Родригез со шест погодоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top