Човекот што го прободе со нож поранешниот српски кошаркар Предраг Даниловиќ се соочува со затворска казна до 40 години. Обвинителот вчера го преквалификувал кривичното дело за кое се товари Бранко Филиповиќ, па наместо за нанесување тешки телесни повреди опасни по живот, тој сега ќе одговара за обид за убиство.
– По мој совет вчера на сослушувањето во полиција се бранеше со молчење откако дознавме дека делото му е преквалификувано пред да биде сослушан. За ова дело за кое сега е осомничен пропишана е максимална казна затвор – вели неговиот адвокат Југослав Тинтор.
Одбраната тврди дека Филиповиќ бил уапсен во моментот кога тргнал да се предаде во полиција, по што му бил одреден 48-часовен притвор.
Тој е осомничен дека на 18 мај во неговата кафеана „Кафаница“ во Белград со нож го ранил неговиот најдобар пријател Предраг Даниловиќ. Во меѓувреме, тој кај неговиот адвокат оставил писмо во кое се извинува за нападот, но не ја наведува причината.
– Сакам да му се извинам на Саша и на неговото семејство поради сѐ што се случи таа ноќ и состојбата во која се наоѓа тој. Настанот не сакам да го коментирам – напишал тој во писмото.
Сопругата на кошаркарот, Светлана Даниловиќ, рекла дека Предраг бил повреден кога се обидел да го спречи пријателот кој во еден момент на вечерата станал агресивен кон неговата девојка Сања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


