| четврток, 6 декември 2018 |

Солзите на херојот, Робредо прв тенисер по 86 години со три победи по негатива од 0-2

Со солзи во очите Томи Робредо го дочека крајот на митскиот дуел против шпанскиот сонародник Николас Алмагро во пет сата и по цели 4 часа игра на теренот „Сузан Ленглен“  на Ролан Гарос. Тој е херојот на гран-слемот во Париз и едиствениот тенисер во модерната тениска ера што победил во три меча по ред во кои се враќал по негатива од 0-2 во сетови. Од 1927 година досега, такво нешто не се случило на четирите највредни турнири во тенисот. Робредо 3 пати беше на работ на поразот, но 31-годишниот Шпанец не се предаваше и ќе игра во четврт-финалето со уште еден сонародник Давид Ферер. Ќе има ли сили за нов маратон, за историја, за невиден резултат. Веќе направи три подвизи, а Игор Сијслинг, Гаел Монфис и Николас Алмагро во немоќ следеа како од рака им се лизга победата и предноста од 2-0 во сетови против Робредо. Само во првото коло Томи одигра 3 сета во победата над Зоп со 6-3, 6-2, 6-1. Сите останати три дуели беа маратонски во пет сета и во сите Шпанецот имаше негатива од 0-2 во сетови. Вкупно на земјените терени на Ролан Гарос, 31-годишниот ветеран мина 735 минути, или 12 часа и 15 минути, најмногу од сите тенисери досега, на ова издание на ценетиот гран-слем.

French Open tennis tournament at Roland Garros

Резултатот на шпанскиот тенисер е за почит, особено ако се знае дека има 31 години, а во претходните две сезони се мачеше со повредите.

„Уште пред почетокот на мечот со Алмагро чувствував болки во целото тело. И бев преморен, а посакував да го добијам првиот сет за да можам да се спротивставам. Се случи спротивното, и повторно третпат по ред имав негатива од два сета. На почетокот од третиот сет, едвај го држев рекетот во раце, но погодив неколкупати на вистинското место, што ми даде сила да се обидам да победам. И навистина се случи чудо. Сѐ уште не ми се верува дека трипати по ред ги победив помладите од мене во пет сета. Уживам во тенисот и што и да се случи против Ферер, засекогаш ќе ги паметам овие мечеви“, изјави Робредо. Тој ќе има можност за закрепнување во следните два дена пред дуелот со Ферер во четврт-финалето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top