| четврток, 6 декември 2018 |

Кире Лазаров: Сакам со титула во Лигата на шампионите се простам од Барса

kire lazarov

Кире Лазаров, македонскиот ракометен капитен ги минува последните денови во дресот на шпанскиот гигант, Барселона. Десниот бек веќе четири години е дел од каталонскиот клуб, а по завршувањето на оваа сезона се сели во Франција, поточно во екипата на Нант.

Барселона, утре го игра можеби клучниот натпревар на сезоната, двомечот против Кил во рамките од четвртфиналето на Лигата на шампионите, а токму овој дуел, како и последните денови на Лазаров во Каталонија беа мотив на шпанскиот медиум „Ел Периодико“ да направи кратко интервју со македонскиот ракометар. Во ова интервју Кире зборува за времето минато во Барса, за очекувањата од дуелот со Кил, како и за преселбата во Нант.

– Точно е дека АСОБАЛ лигата оваа сезона беше многу послаба во споредба со претходните, но сепак, не е лесно да победиш на сите натпревари. Иако игравме со многу послаби екипи, Пасквал од нас бараше да го дадеме максимумот и ние тоа го направивме и ја освоивме оваа лига со голема разлика и статистика. Што се однесува за двомечот со Кил, мислам дека нема да ни се повторни минатата сезона и елиминацијата од германскиот гигант. Ние завршивме на првото место во групата на „смрта“ и се надевам дека одличните партии во Европа ќе ги повториме и на овој двомеч – изјави 36-годишниот Лазаров.

lazarov

На крај открива кои беа причините за неговото заминување од Барселона и потпишувањето на договорот со француски Нант.

– Јас уште од мало дете сонував да го облечам дресот на Барселона. Тој сон ми се исполни, тука минав четири незаборавни години и среќен сум за тоа. Раководството на клубот одлучи да ја подмлади екипата и јас ја прифатив таа одлука. Се надевам дека од тука ќе си заминам како шампион на Европа, дефинитивно тоа ќе биде најубавиот начин за збогум. На крај морам да потенцирам дека јас сè уште сум дел од оваа игра, бидејќи ја сакам ракометната топка, а не заради парите. По завршувањето на мојата кариера, јас повторно ќе бидам дел од овој спорт – заврши Македонецот.

И оваа сезона Лазаров зад себе остави фасцинантни бројки во дресот на Барселона и стана еден од најдобрите стрелци во историјата на овој клуб. Кире е најдобар стрелец на тимот во АСОБАЛ лигата со 110 гола, додека во Европа запиша 71.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top