Водејќи се од минатогодишните искуства, кога за време на празници и продолжени викенди значително се зголемува интензитетот на сообраќајот, а со тоа и бројот на сообраќајни незгоди, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, до сите учесници во сообраќајот, апелира за одговрно управување со возилата и почитување на сообраќајните правила и прописи и на поставената сигнализација.
– Не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол, макар и со испиена една чашка-две и почитувајте ги правилата за ограничување на брзината. Да не дозволиме спокојството и мирот од овие прекрасни празници да се претворат во нечија семејна трагедија само како последица на нечија грешка, погрешна одлука, нетрпеливост, непромисленост, желба за докажување, наведуваат од РСБСП.
Посебен апел упатуваат до младите возачи, како најранлива категорија учесници во сообраќајот, трезвено и одговорно да учествуваат во сообраќајот бидејќи само така ќе пристигнат безбедно на саканата десинација.
– Совесното учество во сообраќајот е одраз на одговорни и стабилни лица и затоа уште еднаш апелирам за младост без лудост, за одговорно и внимателно учество во сообраќајот затоа што сообраќајот не е игра, а последиците и загубите од сообраќајните незгоди се фатални, трајни и ненадоместливи, потенцира претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски.
Оние кои одлучиле да отпатуваат на подалечна дестинација, РСБСП ги советува задолжително да направат техничка проверка на возилото и да патуваат одморени и концентрирани. Потсетуваат дека, праксата покажува оти за продолжените викенди сообраќајниот метеж го отежнува возењето и затоа се повикува на толерантност и трпеливост, да не се престигнува непрописно, да се држи безбедно растојание и да се избегнува слалом возење.
– Безбедното одвивање на сообраќајот на патиштата зависи од сите нас поединечно, од нашите лични одлуки и дејствија кои ги преземаме. Да не се каеме за последиците, да бидеме благовремено одговорни учесници во сообраќајот. Внимателно и одговорно учество во сообраќајот, внимателно возење за безбедни и убави празници, е апелот кој во пресрет на празниците до граѓаните на Република Македонија го испрати државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сања Димитриевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.