| четврток, 6 декември 2018 |

Доаѓаат стоте најцрни денови во сообраќајот

Неофицијалните статистички податоци покажуваат дека заклучно со 15 јуни оваа година, 36 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди на улиците и на патиштата во Република Македонија, посочуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП)

Искуството и статистиката покажуваат дека пред нас се стоте најкритични и најцрни денови кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Во 2016 година, во месец јуни, 11 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, во јули 26, во август 19, во септември 9. Оваа година, во месец јуни, неофицијално, 8 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Секоја година, во периодот јуни – август , двојно се зголемува бројот на загинати и на повредени лица во сообраќајни незгоди, односно околу 50% од сообраќајните незгоди со фатални последици се случуваат токму во овој период.

Најчести причини за сообраќајни незгоди во овој период од годината се: брзо возење, неправилно пристигнување и замор, алкохол. високи температрури кои влијаат на способноста за возење и некористење сигурносен појас или кацига (од страна на возачите, но и на патниците). По секоја сообраќајна незгода со фатални последици се бараат виновници. Вината е на повеќе страни, но најсилно изразена е кај факторот човек – учесниците во сообраќајот.

-Стоте најцрни денови во сообраќајот допрва доаѓаат. Бидете внимателни и одговорни и чувајте го сопствениот живот и животот и здравјето на другите учесници во сообраќајот. Во сообраќајот нема простор, време и место за опуштање. Опасностите кои ги демнат сите учесници во сообраќајот во летниот период се сериозни. Време е да се освестат сите учесници во сообраќајот и сите заедно, со свест, разум и одговорност – да го направиме ова лето безбедно за патување, апелира РСБСП.

Безбедноста во сообраќајот зависи од сите учесници во сообраќајот, од секој од нас поединечно, пешак, велосипедист, мотоциклист, возач на моторно возило. Секој со своите постапки го прави сообраќајот повеќе или помалку безбеден. Затоа, секој треба добро да размисли, каков учесник е во сообраќајот и дали вреди да биде подобар и поодговорен, велат од РСБСП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top