Аугуст Бурнонвил е Данец кој живеел помеѓу 1805 и 1877 година и создал повеќе од 50 балетски дела. Тој бил визионер, кој најголем дел од своето образование го здобил во Франција. Бурнонвил се смета за татко на Кралскиот дански балет, чијшто уметнички директор бил повеќе од 40 години. Како резултат на своето школување во Франција, тој создал сопствен балетски речник, стил и техника. Меѓу неговите најпознати балети се „Наполи“ од 1842 година и „Силфида“ од 1836 година.
Во Скопје беа претставени неколку од помалите балети на Бурнонвил инспирирани од неговата страст за патувања и посета на други земји: „Конзерваториумот“ од 1849 година, кој претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција, „Pas de Deux“ од „Фестивал на цвеќето во Џензано“ од 1858 година, инспириран од неговите патувања во Италија и „Прозорецот“, кој ја отсликува неговата страст за Шпанија. За сето ова разговаравме со Франк Андерсен, кореограф од Данска, кој ја постави и ја режираше претставата.
Ова не е првпат балетите на Аугуст Бурнонвил да бидат одиграни во Скопје, но ова е првпат да имаме целовечерна продукција. Кажете ни какви се Вашите впечатоци од соработката со танчарите?
Андерсен: Да се постави и да се продуцира вечер посветена на балетот на Аугуст Бурнонвил секогаш претставува предизвик и за танчарите, но и за Ева и за мене. Почнавме полека да ја подготвуваме претставата уште од февруари, но тоа, сепак, е тежок процес бидејќи поголемиот дел од танчарите беа презафатени со премиерите на други претстави и изведби. Имавме доволно време да се договараме со директорите и работевме неколку недели без престан и мислам дека сето тоа излезе многу добро. Танчарите покажаа искрен интерес и работеа мошне мудро со зададениот материјал што им го презентиравме. Се надеваме дека тие и во иднина ќе го користат тоа што ги научивме во други претстави, но, исто така, дека ова искуство ќе им користи во иднина да ги подобрат својата техника и изведувачките можности. Стилот на Бурнонвил се однесува на презентирање на балетската игра. Тоа е мошне тешко, од една страна, но и мошне лесно кога ќе се совлада, без напор, и тоа е тоа што танчарите и ние се обидуваме да го реализираме.
Бурнонвил се смета за „татко“ на Кралскиот дански балет. Создал сопствен балетски речник, стил и техника. Дали е тешко да се совладаат овие техники?
Андерсен: Балетот на Бурнонвил, вокабуларно и технички е прифатен и се практикува многу години, почнувајќи од 19 век од приврзаниците на Бурнонвил. Се базира на класичниот балет, но има сопствени белези. Кога танцуваме, секогаш гледаме во ногата „што танцува“, рацете никогаш не се над висината на рамената и никогаш не гледаме во лицето „пред нас“, туку секогаш со „Epaulement“, т.е. со поглед на страна каде што раката и ногата се напред. Тешко е да се објасни, но лесно е да се покаже. Никогаш не брзаме да се подготвиме за следниот чекор во аголот, за нова дијагонала, или за изведба на пируета во центарот, туку танцуваме во нашите нови позиции. Тешко е да се подучува некој на оваа техника и за ова треба да имате многу добра класична техника за да успеете да го изведете овој балет. Суштината се состои во тоа што треба да уживате во изведбата на овој балет и тоа треба да го види и публиката. Не треба да се гледа напор од гледалиштето. Тие треба само да седат во своите удобни столчиња, да се опуштат и да уживаат. Балетот на Бурнонвил не е бравура, туку изведба на убавина во танцувањето и во животот. Бурнонвил овој свој балет го нарекувал „ joy de vivre“ – радоста на животот.
Соработката со Македонската опера и балет почна со Вашите контакти со уметничката директорка, Олга Панго. Како течеше понатаму соработката договорите, како дојдовте до одлуката да допатувате во Македонија и да ги поставите овие класични балети заедно со тие во Италија, Франција и во Шпанија?
Андерсен: Во Македонија сум бил неколку пати. За првпат дојдов во 2009 година и тогаш се запознав со уметничката кореографка во Македонската опера и балет, солистката Саша Ефтимова. Таа е многу, многу талентирана кореографка и досега изработила многубројни прекрасни и возбудливи балетски претстави за Македонскиот балет, но, исто така, има одлични кореографии и за неколку балетски компании од странство. Верувам дека таа е личност со голем талент за танцување и за балет и има сопствен речник, кој е мошне редок за една млада кореографка како неа. Вообичаено, младите кореографи, од моето досегашно искуство ги копираат постарите, но тоа не е случај кај Саша. Неа мора да ѝ се даде можност за работа во странство каде што ќе го развива својот талент. Таа е нешто посебно овде во Македонија. Во текот на една од моите посети се запознав и со Олга Панго и таа сугерираше, а јас се согласив дека треба да направам вечер со еден поинаков балет, Бурнонвил, се со цел да се покаже флексибилноста на неговата кореографија и да се предизвика креативноста на танчарите од Македонската опера и балет. Сметам дека тоа е мошне мудра одлука од страна на Олга Панго, која сакаше да им даде можност на своите танчари да работат различни балетски стилови, во насока да ги користат сопствените можности за балетската форма. Решивме да направиме букет од три балетски претстави, каде што Бурнонвил бил инспириран од егзотични земји, како Италија, Франција и Шпанија. Бурнонвил многу патувал во текот на својот живот и инспирациите ги добивал од сопствените импресии што ги доживеал во текот на патувањата. Кога дојдов дознав дека Македонската опера и балет подготвува верзија од „Сулфида“, но сметам дека, можеби, еден ден би можеле заедно да работиме верзија на Бурнонвил на „Сулфида“, слична на таа што ја изведуваме во Данска.
Вашата сопруга Ева рече дека првпат доаѓа во Скопје. Со какви мисли заминувате од него?
Андерсен: Како што рековте, јас веќе престојував во Македонија во 2009 година, но Ева Клоберг, мојата сопруга е за првпат овде и нејзините импресии се одлични. Ова е отворена и мошне пријателска земја. Успеваме да уживаме во слободното време бидејќи имаме малку слободно време на располагање, па го користиме за прошетки, посета на рестораните покрај Вардар. Исто така, бев во посета на неколку музеи, каде што добив одлична претстава за македонската историја и сите премрежиња низ кои поминала оваа земја. Исто така, знам по нешто и за македонската ракометна и фудбалска репрезентација со кои Данска играше на првенства во неколку наврати. Би сакал да имам можност да видам повеќе делови од вашата убава земја следниот пат и се надевам дека некој ќе може да ме одведе во посета на Охридско Езеро и на планинарење во вашите прекрасни планини за кои само сум слушал.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Сашо Н. Алушевски
(Текст објавен во 241. број на неделникот „Република“, 14.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.