Олга Панго веќе една година го раководи Балетот во Македонската опера и балет. Дваесет и седум години е во оваа институција, каде што од почетник, солист, педагог и кореограф, низ годините стрпливо ја градела кариерата. Дипломирала и магистрирала на Академијата за музичко и за танцово искуство во Пловдив, Бугарија. Од 2007 година е балетски педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”, а две децении била солистка во Македонската опера и балет. Од 2010 година работи како педагог, репетитор и кореограф во Македонската опера и балет. Одиграла голем број главни улоги во балетските претстави на МОБ, а како кореограф е автор на кореографии на балетски, драмски и на оперски претстави. Последната нејзина кореографија беше за претставата „Отело“ во изведба на Турскиот театар во режија на Дејан Пројковски, која публиката ја поздрави со овации. Со Олга разговаравме за балетот како професија, за плановите и идеите што има намера да ги реализира во МОБ, за предизвиците во професијата…
Со години бевте истакнат солист на балетот, а во последниве години работите како кореограф во балетски, драмски и на оперски претстави. Вашата најнова кореографија беше на претставата „Отело“, во режија на Дејан Пројковски, која ја одигра Турскиот театар и беше поздравена со бурни аплаузи. Какви се искуствата од соработката на оваа претстава? Очигледно, публиката беше задоволна. Дали сте задоволни?
Панго: Секако. Мојата балетска кариера ја почнав како балерина, надградувајќи се како солист. Со големо задоволство и љубов работев како балерина, но кога ми се отвори нова врата пред 11 години со мојата прва деби-претстава „Јас Исидора“, тоа стана пасија и желба за повторна и повторна креација, без разлика дали работев на балет, опера, драма или мјузикл.
„Отело“ е мојата последна креација, која ја направивме заедно со Пројковски. Јас и Дејан работиме повеќе години заедно на различни проекти и можам да кажам дека одлично се разбираме… дишеме заедно за претставата. „Отело“ е многу радикална претстава, која е работена во вода, и иако е во прашање Шекспир, таа е со нов и модерен стил и израз. Можам да кажам дека со Дејан Пројковски ги урнавме стереотипите на македонскиот театар отварајќи една нова страница каде што актерите можат да ги искажат и најдлабоките чувства. Навистина имам прекрасно искуство со оваа претстава како и со ансамблот на Турскиот театар во кој досега сум остварила повеќе претстави.
Дипломиравте и магистриравте на Академијата за музичко и танцово искуство во Пловдив, Бугарија, а потоа бевте балетски педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”. Што најмногу сакате да им пренесете на младите како искуство? Според Вас, што е најважно за еден балетски танчар?
Панго: Во 2005 година магистрирав на Академијата за музичко и за танцово искуство како балетмастер и педагог. Јас сѐ уште сум професор во средното балетско училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ по предметот карактерни игри и можам да кажам дека тоа е опус во мојот живот на кој особено му се радувам – педагогијата.
Исто така, држам вежби во мојата матична куќа, Македонската опера и балет и репетиции на колегите за тековните претстави. Младите, кои веќе се определиле за балет, треба да знаат дека балетот е професија што мора неизмерно да ја сакаш за да можеш да ги издржиш напорните проби и режимот на живот. Балетот се работи со љубов, тоа е уметност, тоа е танц, не гимнастика. Оттаму би додала дека најважно за еден балетски играч е да танцува и да ја сака сцената, секако, со многу крвава работа.
Пред речиси една година дојдовте на функцијата уметнички директор на Балетот во МОБ. Целата Вашата кариера ја поминавте во оваа институција, така што сте човек однатре, кој добро ги познава работите. Имавте ли дилема дали да ја прифатите функцијата?
Панго: Да, помина една година откако генералниот директор, Игор Дурловски ме назначи за уметнички директор на балетот. Немав дилема, сакав да го прифатам предизвикот и да придонесам на еден поинаков начин во балетот. Навистина, 27 години сум во балетот и тоа е мојот втор дом. Со колегите делиме добро и лошо со години, така што многу добро ги познавам работите однатре. Се надевам дека ќе одговорам на нивните очекувања и на очекувањата на публиката, која сѐ почесто е во Македонската опера и балет за да гледа балет.
Се разбира, на оваа функција дојдовте со своја програма, или барем со планови. Го реализиравте ли досега тоа што го планиравте?
Панго: Сигурно дека дојдов со планови. Најнапред сакам да го етаблирам балетот како професија што е престижна и интересна да се занимаваш со неа, како еден вид предизвик за младите. Да се занимаваш со балет е привилегија. Токму оттаму е желбата и идејата македонскиот балет да може да се носи со големите европски и светски куќи. Минатата година имавме една огромна продукција. Тоа е балетот „Клеопатра“, кој го направивме како 25-годишен јубилеј на нашата примабалерина Александра Мијалкова. За секоја претстава се бара карта повеќе, а претставата ја работеше големиот руски кореограф Васил Медведев.
Што да очекуваме на репертоарот на Балетот оваа година?
Панго: Секако и годинава нема да изостане редовниот класичен репертоар. Тоа се балетските претстави: „Рајмонда“, „Лебедово езеро“, „Дон Кихот“, „Жизел“…Се разбира, морам да го споменам и детскиот репертоар, кој ќе биде застапен со тековните претстави и со еден наслов на крајот на 2017 година – „Пипи долгиот чорап“. На почетокот на април ќе имаме премиера на класичен балет „Вечер на Бурнонвил“, кој во оригинална верзија ќе го пренесе Френк Андерсон. Во октомври ќе дојде Ицтик Галили и ќе имаме вечер на модерен балет. Предвидуваме и гостувања на нашите претстави во странство, така што имаме плодна сезона и се надевам дека балетската публика ќе ужива во програмата.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 232. број на неделникот „Република“, 10.2.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Турски театар викендов ќе ја изведе „Отело“ на сцената на Театар Комедија
-
Турскиот театар со „Отело“ во режија на Дејан Пројковски на Меѓународен фестивал во Бурса
-
Концерт на Антоние Весковски и „Отело“ во изведба на Турски театар вечерва на „Скопско лето“
-
„Отело“ на „Скопско лето“ презакажана за 6 јули