Статистиката вели дека секој човек барем еднаш во животот имал некој тип алергиска манифестација. Никој не се раѓа со алергија, таа се добива во животот. Може да имаме генетска предиспозиција, што прави склоност кон алергии, вели д-р Камелија Бушљетиќ, пулмоалерголог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во разговорот за „Република“.
Со доаѓањето на пролетта кај пациентите зачестуваат и алергиите. Многу е важно да се прави разлика меѓу настинка или вирус од една страна и алергија од друга страна. Не постои возраст во која алергиите не можат да се појават, може првпат да се јават и на 70 години. За пролетните алергии е карактеристично тоа што најчесто се јавуваат во тинејџерски години – тоа е пикот, но не значи дека на 60 или на 70 години не може некој да добие алергија.
Со доаѓањето на пролетта, кога природата се буди, се „будат“ и алергиите кај пациентите. Дали само затнат нос, кивавица, отечени очи се симптоми за присуство на алергија кај пациентите?
Бушљетиќ: Врз основа на симптомите како затнат нос, кивавица, проблеми со очите не може да се постави дијагноза за алергија бидејќи со исти симптоми може да се јават и вирусните инфекции, кои, исто така, се почести во пролет. Но, една од разликите во симптомите е тоа што инфекциите не одат со чешање на очите и на носот. Но, за да може со сигурност да се исклучи алергија или да се потврди алергија, треба да се направат испитувања.
Кога почнува сезоната на пролетните алергии?
Бушљетиќ: Сезоната на пролетни алергии секоја година почнува различно. Сѐ зависти од тоа каква била претходната зима. Ако зимата е постудена и подолго трае и симптомите на алергија ќе бидат одложени. Обично, ако зимата е потопла почнуваат во февруари, а доколку е подолга зимата и постудена, како годинава, почнуваат од март. Постои поместување од две до три недели, во зависност од тоа каква е зимата.
Кои се најчестите пролетните алергии?
Бушљетиќ: Првите полени се од дрвјата. Може да се јават и од почетокот на февруари. Колку што е постудена зимата, толку поленската сезона се јавува подоцна. Кај лицата што имаат алергија, одбранбениот систем не го препознава поленот како нештетна честичка, туку како опасна, што доведува до негова активност и создавање војници, алергиски антитела. Реакциите се јавуваат на местото на контактот на нашиот организам со поленот – очите, носот, грлото и се јавува солзење, чешање, боцкање на очите, кивање, затнување и течење на секрет од носот, но и кашлање, гребење и чешање на грлото или може да се испровоцираат и други алергиски заболувања. Од почетокот на мај почнува и тревата, која трае до крај на јуни и со тоа завршуваат пролетните поленските алергии, додека поленот од пирејот нè чека на крај на летото. Во пролетта, поради поголемата влага како чест причинител за алергија може да бидат и мувлите. Тие се целогодишни алергии, но се нагласени во пролетниот период.
Статистиката вели дека секој четврти Македонец има алергиски ринитис. Можно ли е да се развие алергија во подоцнежни години? Можно ли е некој што никогаш немал проблем со полен, одеднаш на 40 години да стане алергичен на нешто?
Бушљетиќ: Не е само Македонија, туку секаде во светот е зголемен бројот на лица што имаат некој виде на алергиска реакција. Во некои земји, како на пример Велика Британија, секој трет жител има некоја алергиска манифестација. Не постои возраст во која алергиите не можат да се појават, може првпат да се јави и на 70 години. За пролетните алергии карактеристично е што најчесто се јавуваат во тинејџерска возраст – тоа е пикот, но не значи дека на 60 или 70 години не може некој да добие алергија. Според статистиката, секој човек барем еднаш во животот имал некој тип алергиска манифестација. Алергијата се добива во животот, не е нешто со што се раѓаме. Можеме да имаме генетска предиспозиција, што прави склоност кон алергии. Што значи тоа? Ако во текот на животот повеќе се експонираме на алергени како што е поленот и ако се храниме нездраво, послабо сме физички активни и ако живееме во урбани средини каде што има поголем сообраќај, поголема е можноста во текот на животот оваа генетска предиспозиција да стане и алергиско заболување.
Што треба да содржи терапијата? И колку порано треба да почне да се пие пред да почнат првите симптоми?
Бушљетиќ: Кога да се почне со терапија зависи од тоа кога ќе се манифестираат симптомите т.е. кога почнува сезоната. Лекарствата што ги даваме се симптоматолошки, дејствуваат за да ги намалат или целосно повлечат симптомите сè додека трае дејството на лекот. Терапијата е индивидуална и може да се лекува и контролира со таблети,но може и со спрејови. Таблетите најчесто се антихистаминиците, додека пумпите за нос се топични кортикостероиди и се ставаат во нос. Кај лековите по 40 минути почнува дејството, а кај пумпите за нос има ефект по еден час, но максималниот резултат се постигнува по две недели. Кај некои пациенти се даваат и други лекови како антилеукотриени, стабилизатори на мембрани на мастоцити, тоа се клетки што се дел од самата алергиска реакција и кои се даваат во зависност од тоа каков одговор имаме на терапијата. Се прават соодветни комбинации од лекови и затоа третманот е индивидуален и различен кај секој пациент. Кај пациенти кај кои не дејствува терапијата со лекови се препорачува имунотерапија со вакцинација. Оваа терапија дејствува на промена на природниот тек на болеста. Имунотерапијата помага во одреден период од повеќе години да станете толерантен, односно да го поднесете алергенот на кој реагирате.
Како да ја разликуваме настинката од алергијата?
Бушљетиќ: Само доколку се базира на симптомите што се јавуваат, и особено ако за првпат станувате алергични, тогаш многу тешко можете да направите разлика дали е алергија или настинка. Но, доколку овие симптоми се појавуваат секоја година во истиот период и доколку се придружени и со чешање на очите и на носот, тогаш овие симптоми се потипични за алергија. Колку време ќе траат симптомите на алергија зависи од тоа на што сте алергични и колку тој алерген е долго присутен во вашата близина. Поленските алергии се јавуваат во пролет, сè додека е присутен поленот како честичка што прави алергиска реакција. Ако сте алергичен на паразити што живеат во домашниот прав или на мувла тогаш можете да очекувате алергиска реакција во текот на целата година.
Може ли сезонската алергија да премине во астма?
Бушљетиќ: Самата алергија проградира и се јавуваат и други алергиски болести. Така што ако имате алергиски ринитис со тек на време може да добиете алергиска астма. Затоа и се вика „една цевка еден орган“. Само што носот е почетокот на цевката, а белите дробови се нејзин крај, но и двата се неразделен дел од еден систем. Тоа е и причина што една четвртина од пациентите со алергиски ринитис развиваат алергиска астма.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 240. број на неделникот Република кој излезе во печат на 7.4. 2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Со храна против алергиите
-
Најнова бизарна детска игра: Ги тераат да јадат храна на која се алергични, а потоа објавуваат фотографии од нивните алергиски реакции
-
За 15 проценти зголемени алергиите на храна кај деца до две години
-
Д-р Јагликовски: Сѐ почесто се открива интолеранција на храна