| четврток, 6 декември 2018 |

Цуцуловски: Потребни се нови избори, ако СДСМ на сила направи влада, тоа ќе биде самоубиство (Видео)

Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски во емисијата „Во центар“ со Васко Ефтов вели дека не е важно каде е донесена платформата, туку нејзината содржина, потенцирајќи дека таа не води само кон редефинирање на Република Македонија, туку и кон нејзино целосно рушење.

-Првиот чекор би бил федерализација, наредниот чекор би бил сепарација на, условно кажано, албанскиот дел, а другиот дел како ќе се снајде, тоа е негов проблем. Тие не водат воопшто сметка за интересите на другите, за интересите на оние кои што со векови заедно живееле на овие простори и кои со децении живееле во иста држава, посочи Цуцуловски.

Според Ефтов пак, Тиранската платформа нема за цел да доведе до конфликт меѓу Македонците и Албанците, туку конфликт меѓу Македонците.

-Сите го апострофираат прашањето дека Тиранската платформа е направена за меѓуетнички конфликт меѓу Македонците и Албанците. Јас мислам дека напротив, Тиранската платформа е срочена да биде основа за конфликт меѓу самите Македонци, бидејќи најдена е една од двете македонски партии која ја прифаќа Тиранската платформа. Се реализира со помош на Македонци, луѓе кои што се спремни за основување на власта, криење на одредени криминали, или било кои и да се другите мотиви за реализација на таква платформа која де факто значи македонски конфликт каков што сме немале во последните 50-60 години, вели Ефтов.

На прашањето дали СДСМ ќе проба на сила да направи влада, Цуцуловски вели дека тоа би било самоубиствено и не би донело до некое конечно решение. Тој повтори дека се залага за нови избори бидејќи според него, во Уставот не е предвидено ново давање на мандат.

-Мислам дека тоа би било самоубиствено и не би донело до некое конечно решение. Јас навлеков кон себе голема доза на негодување, па дури и на нив уште кога во декември реков дека единствениот излез од ситуацијата во која се наоѓање е распишување нови избори, бидејќи според Уставот не е предвидено ново давање на мандат. Јас не се залагам за нови избори затоа што ги сакам, или затоа што сакам одредена партија да дојде на власт, туку затоа што така налага самиот Устав. Според тоа, јас сметам дека секој обид, без разлика од која страна доаѓа, дали доаѓа од страната на ВМРО-ДПМНЕ или од страната на СДСМ да се дојде на власт по секоја цена, наспроти изборните резултати и наспроти на Законот е погубен не само за Република Македонија, туку и за тие кои ќе се одлучат на еден таков чекор, посочи Цуцуловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top