Петнаесет дена пред првиот круг од претседателските избори во Франција демонстранти спречија митинг на кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен на островот Корзика, а разликата помеѓу главните четворица претседателски кандидати се намалува, пренесоа агенциите повикувајќи се на Франс прес.
Халата каде Марин Ле Пен требаше да одржи митинг во Ајачо беше евакуирана по судир меѓу демонстрантите и чувари, кој заврши со размена на удари и солзавец.
Обезбедувањето на Националниот фронт се обиде да извади надвор од салата петнаесетина демонстранти, од кои еден извика „А Francia fora“ (Франција надвор!), а потоа се дојде до размена на удари. Од солзавецот, стотици присутни почувствуваа печење во очите и на крајот салата беше испразнета.
Корзикански активисти за независност на островот презедоа одговорност за нападот во твитови, во кои се спротивставуваат против присуството на кандидатката на Националниот фронт во нивната земја. Тие велат дека никогаш нема да дозволат на претставници на оваа партија, чиј поранешен лидер Жан-Мари Ле Пен побара смртна казна за корзикански политички затвореници, да доаѓаат и да се чувствуваат целосно сигурни во нивната земја.
На крајот Марин Ле Пен искористи за митингот друга сала во Конгресниот дворец во Ајачо.
Според неколку истражувања на јавното мислење разликата меѓу четворицата кандидати за претседател се намалува, откако поддршка за центристот Емануел Макрон и за Марин Ле Пен опаѓа, а кандидатот на десницата Франсоа Фијон и левиот политичар Жан-Лук Меланшон се нерешено.
Објавената денес студија на „BVA Salesforce“ предвид скок од 4 поени на лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон за една недела, кој се изедначува со противникот од десницата Франсоа Фијон со 19 проценти поддршка.
Двајцата ја намалуваат разликата со Макрон и Ле Пен, кои губат поддршка и исто така се нерешено со 23 проценти, кои имаат намера да гласаат за нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.