СДСМ на локалните избори ќе оди со кандидати Албанци во некои од општините каде што мнозинство се Албанци, најави членот на Извршниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми. Наспроти ова, од партијата на Али Ахмети очекуваат соработка со СДСМ, а не директна изборна битка во трката за градоначалничките мандати, особено во Тетово, Гостивар, Чаир, Струга, Kичево и Скопје, пишува Дневник.
Од извори од ДУИ Дневник дознава дека соработката меѓу СДСМ и ДУИ за локалните избори била дел од пакетот договорен меѓу Ахмети и лидерот на СДСМ, Зоран Заев за новата владина коалиција, во спротивно, според ДУИ, ќе нема ни нова влада.
Од СДСМ, пак, тврдат дека меѓу Заев и Ахмети немало разговор за локалните избори.
Адеми во интервју за тетовска телевизија на албански јазик најави дека СДСМ ќе излезе со свои кандидати Албанци за локалните избори.
– Не гледам никаков проблем да имаме кандидати Албанци во општините во кои Албанците се мнозинство. Тоа што е поважно за мене е да имаме квалитетни кандидати. Градоначалникот треба да биде добар. Помалку е важно дали ќе биде Албанец или од некој друг ентитет. Денеска имаме албански општини со градоначалници Албанци, но тие се нефункционални. Не кажувам дали ќе имаме или не кандидат Албанец, но постојат можности за тоа – вели Адеми.
Висок функционер на СДСМ за „Дневник“ потврди дека на локалните избори ќе номинираат кандидати за градоначалници Албанци, но дека сè уште не утврдиле во колку и во кои општини. Функционерот вели дека рано е да се каже дали за општините како Тетово, Гостивар, Чаир, каде што за избор на градоначалник во вториот изборен круг неопходни се гласовите на Македонците, СДСМ ќе оди на соработка со ДУИ и ќе излезе со кандидат Македонец или ќе номинира кандидати Албанци.
Од ДУИ брифираат дека е договорено за локалните избори да соработуваат со СДСМ бидејќи се коалициски партнери на централно ниво.
– Природно е при изборот на градоначалниците да соработуваме со СДСМ, особено во општините во кои во вториот изборен круг решавачки се гласовите на Македонците – вели висок функционер на ДУИ за Дневник.
Според ДУИ, ова веќе е договорено меѓу Ахмети и Заев кога се договарала поддршката на ДУИ за новото парламентарно мнозинство. Неофицијално, Ахмети инсистирал дел од договорениот пакет да биде и соработка меѓу ДУИ и СДСМ за локалните избори и Заев со кандидати Албанци да не му чепка во ооштините во кои мнозинство се Албанците. Според изворот на весникот, во спротивно ќе нема ни соработка меѓу ДУИ и СДСМ на централно ниво, односно ќе нема ни влада.
На поддршка од СДСМ за локалните избори пред с` инсистирал преговарачкиот тим на ДУИ со социјалдемократите, кои воедно се актуелни градоначалници на Тетово, Гостивар и Чаир, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити. Токму во интерес на преговарачката тројка било ДУИ да прави влада со СДСМ, сметајќи на поддршка од социјалдемократите за уште еден мандат во Тетово и Гостивар.
ДУИ со остар став за нови градоначалнички мандати
Интегративците, според првичните најави, не се очекува да истрчаат со нови имиња за кандидати за градоначалници во поголемите општини. Извесно е дека Невзат Бејта и на претстојните локални избори ќе влезе во трка за уште еден мандат во Гостивар, бидејќи ја има поддршката од гостиварскиот разгранок. Неофицијално, на повторна номинација за градоначалничката функција ќе оди и Теута Арифи за втор мандат во Тетово. Промени ќе нема и за Струга, Kичево и Липково, каде што како најсериозни кандидати повторно се споменуваат поранешниот градоначалник Рамиз Мерко и актуелните Фатмир Дехари и Садула Дураку. Иако чаирскиот градоначалник Изет Меџити ја има поддршката од разгранокот, тој за „Дневник“ изјави дека нема да оди на четврти мандат.
– Доста се три градоначалнички мандати. Ја имам поддршката од разгранокот, но во политиката секој треба да го знае моментот кога треба да се повлече. Оставам простор помлади кадри да претендираат за градоначалничката функција – вели Меџити. Интересно е како владините партнери СДСМ и ДУИ ќе одиграат за Струга и Kичево, каде што е неопходна соработка без оглед дали кандидатите за градоначалници ќе бидат Македонци или Албанци. На последните локални избори во 2013 година, карактеристично беше дека за Струга и за Kичево се гласаше етнички. За победата на доскорашниот градоначалник на Струга, Зијадин Села, и на градоначалникот на Kичево, Фатмир Дехар, и пресудни беа гласовите на сите партии на Албанците, но и гласањето на албанската дијаспора, која за изборите масовно дојде во земјава. И за претстојните избори од ДУИ брифираат дека, најверојатно, ќе се оди на етничка, наместо на поддршка од коалицискиот партнер.
Можно е Арачиново првпат да има градоначалник од СДСМ
Ако СДСМ реши во општините со мнозинство Албанци да оди со свои кандидати за градоначалници Албанци и доколку поддршката на граѓаните за локалните избори остане како таа за парламентарните, тогаш е можно Заев без проблем да ги добие Арачиново, Студеничани, а можеби и Чаир, пишува весникот.
На последните парламентарни избори СДСМ доби повеќе гласови од ДУИ во Арачиново, Студеничани, а во Чаир беше втор по Беса и пред ДУИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.