| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов за ХТВ: Суштината на платформата од Тирана е да се смени уставното уредување на Македонија

Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Тоа значи, Македонија од мултиетничко општество и унитарна држава да постане биетничка. За споредба би можеле да кажеме, Македонија да постане еден Кипар, само што Македонија не е остров, вели претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „1 на 1“ на хрватската национална телевизија, ХТВ.

Македонскиот претседател во телевизиското интервју ја образложува тиранската платформа и ги изнесува своите ставови за политичката состојба во земјата и можните решенија за излез од кризата.

Во однос на платформата од Тирана, Иванов вели дека нејзината намера е албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот и да се промени уставниот амандман кој произлегува од Охридскиот рамковен договор, согласно кој заедниците во Македонија своите права ги добиваат врз основа на нивната застапеност од 20 отсто во државата.

– Значи интенцијата на платформата од Тирана е тие 20 проценти да се променат, албанскиот јазик да биде ист со македонскиот. И со тоа се ускратуваат стекнатите права што ги има во Македонија.  Бидејќи, Турците имаат општина каде службен јазик е турскиот јазик. Училиштата се на турски јазик. Ние имаме ромска општина, каде што ромскиот јазик е службен јазик, службениот весник е на ромски, школите се на ромски јазик, исто така и Србите имаат општина на српски јазик. Така што, со платформата од Тирана тие права би припаднале само на една заедница. Само Албанците би имале права, вели Иванов.

Запрашан како ги коментира заговорите за конфедерација на Македонија, Иванов одговара дека тоа е она што ги предизвика илјадници граѓани повеќе од месец дена да се на улиците. – Со таа тиранска платформа, Македонија престанува да постои таква како што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност и бијазичност што се промовираат, ние имаме два сегменти во Македонија кои се и етнички и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп. Тогаш, граѓаните со сигурност се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор, на трета албанска држава, изјави македонскиот претседател во интервјуто за ХТВ.

На прашањето како и дали ЕУ може да помогне во решавањето на политичката криза во Македонија, Иванов вели дека на министерскиот совет е отворено прашањето за платформата од Тирана, но тоа јавно не се соопштува. – Не можат јавно да ја осудат, затоа што би настанале и проблеми за главниот актер, односно за Еди Рама. Во Албанија би било проблем кога тој би се повлекол од таа платформа. Така што состојбата е сега многу покомплексна отколку што беше претходно, изјави Претседателот.

На прашањето како гледа излез од политичката криза и дали нови избори би претставувале решение, македонскиот претседател вели дека состојбата на некој начин сега е блокирана, но и дека влијанието на надворешните актери е премногу силно.

Затоа треба здрав разум, да се седне и да се разговара. Затоа што секогаш се можни решенија, вели Иванов и додава дека тој како претседател досега учествувал во изнаоѓањето на две такви решенија, посочувајќи ги лидерските средби и им порача на парламентарните партии дека мора да најдат начин прво да изберат претседател на Собранието за да се отстрани правната пречка за определување мандат.

–  Потоа, да се каже дека приоритет се европските реформи, а не туѓи платформи. Тие туѓи платформи доведуваат да се создаде влада што ќе биде уценета и која нема да ги исполнува барањата на граѓаните. Во Македонија имаше над 90 проценти поддршка за Европската унија. Сега, таа се сведува на 70 отсто. Продолжи да паѓа, затоа што се гледа немоќта да се најде решение, бидејќи се бавиме со последиците, а не со причините, вели Иванов, предупредувајќи за последиците од кризата и можно нејзино пресликување и во други земји кои се во слична состојба.

Во интервјуто за ХТВ, претседателот Иванов меѓу другото говори за лидерот на СДСМ Зоран Заев, за мигрантската криза, за заканите по опстојувањето на македонската држава, за односите со Москва и Вашингтон, како и за односите на Македонија со Грција низ призма на спорот со името.

Предрасудите се уште опстојуваат – Македонија не е закана за никого

Сегашниот грчки претседател нема јавен настап да не ја третира Македонија како боксерска вреќа, да удира по Македонија. Многу бавно се случуваат промените на Балканот. Предрасудите се уште траат и опстојуваат, но Македонија не е закана за никого. Опстојувањето на Македонија и овозможува на Грција да има политика во регионот, со која може да ја врати позицијата што ја имала, пред да влезат новите членки на Европската унија, вели Иванов во интервјуто на Хрватската Телевизија, одговарајќи на прашањето за македонско-грчките односи и дали има нови моменти во разговорите за името.

Иванов посочува дека не постои недоверба меѓу населението, но дека старата елита и старата генерација на политичари во Грција не дозволуваат реалноста која постои на терен да биде одраз и во политиката.

– Кога беше мигрантската криза, кога не беше Грција присутна на состаноците на Вишеградската група, јас ги застапував и ги бранев грчките интереси и барав да и се помогне на Грција во однос на мигрантската криза. Значи се создава една нова реалност која е сосем поинаква од таа што била во минатото, вели Иванов.

Во интервјуто за ХТВ, претседателот посочува дека на Балканот му е потребна моќта на отворениот простор преку европеизацијата, бидејќи само тогаш има мир, просперитет и благосостојба. Кога се затвора Балканот во своите географски граници, вели Иванов, тогаш се создаваат предрасуди, стравови и се отвораат прашања кои што се и сега актуелни во целиот регион.

–  Ние сме жртви на таа затвореност. Од прашањето за разликата околу името се влезе и во прашањето за идентитетот. Се оспорува македонската нација, македонскиот јазик, македонскиот идентитет. Дури сакаат да го сменат и домејнот на интернет, затоа што е МК. Можете да замислите до каде оди работата, вели македонскиот претседател зборувајќи за спорот со името.

Иванов потсетува дека со Резолуцијата 817 во Обединетите нации, при приемот на Македонија било кажано дека постои разлика околу името на нашата држава и дека Република Македонија не е обврзана да го менува името, туку да најде решение за таа разлика.

– Но, кога требаше да влеземе во НАТО бевме блокирани. Затоа го отворивме случајот во Меѓународниот суд во Хаг и ја добивме пресудата. Сега никој не ја почитува таа пресуда на меѓународниот суд, во која се укажува дека Грција прекршила доброволно прифатен договор, кој е и меѓународен акт бидејќи е депониран во Обединетите нации. И сега во немоќта да се најде решение, се обвинува Македонија, вели шефот на државата. Значи, ве ставаат под вода, и ве обвинуваат дека вие сте виновни што се давите, метафорички заклучува претседателот Иванов во интервјуто за емисијата „1 на 1“ на ХТВ.

иванов хтвЗаканите за македонското опстојување се стари приказни за заплашување

Сите албански политичари кои поаѓаат од интересите на Република Македонија се конструктивни соговорници. За се има решение ако се разговара,  ако има дијалог. Ако вие немате дијалог, како ќе дојдете до решение. За се треба да се разговара, па и за сите прашања што тие сега ги отвораат со платформата, но да се знаат кои се интересите на државата, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ, на прашањето кој е конструктивен партнер од албанскиот блок со кој може да се разговара за излез од политичката криза.

– Никој не посакува војна или пак конфликт. Затоа што нема семејство во Македонија кое не страдало од двете балкански војни, светските војни, студената војна, конфликтот во 2001 година.  Затоа и протестите што сега се случуваат се толку мирни и достоинствени, што никој не спомнува каква било состојба на конфликт, додава Иванов.

На прашањето како ги коментира одредени написи за редефинирање на Балканот по пат на вооружен конфликт, како и заканите по опстојувањето на македонската држава, претседателот Иванов оценува дека таквите географски мапи се проекција на желби, а не на реалност.

– Ништо ново од тоа. Во кризни моменти, пак се враќаат старите приказни, стари мапи и стари карти за да ве заплашуваат. Македонија опстојувала и кога немала своја држава. Сега кога имаме своја држава настојуваме да си ја сочуваме.  Затоа, грижата за државата и државниот интерес се приоритет при секоја одлука која се носи од моја страна, изјави претседателот Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ.

Заев е пред се многу исплашен. Преплашен. Затоа што очигледно не го испорачал тоа што се очекувало од него. Влегол во туѓа игра во која што не може сега да излезе. Тој сега прави грешки. Кога е човек исплашен прави грешки. Тие негови грешки сега го внесуваат во многу потешка состојба од онаа кога почна сево ова кога сакаше преку снимки, кои, како што вели тој, ги добил од странски служби, да ја сруши легално избраната Влада на Република Македонија, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ, одговарајќи на прашањето која е причината за постапките на Заев.

Заев влезе во туѓа игра од која сега не може да излезе

Во интервјуто за ХТВ, Иванов посочува дека лидерот на СДСМ Зоран Заев 67-те потписи ги добил под уцена од албанските партии да прифати платформа која, како што нагласи тој, е донесена во Кабинет на премиер на туѓа држава.

– Доколку јас дадам мандат на некој што прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот Кривичен закон, членот 308, ја рушам независноста на државата. Во членот 308 изричито стои: тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност на друга државност се казнува до пет години, вели македонскиот претседател.

Според Иванов, ниту Уставот, ниту неговата совест, ниту свечената заклетва која ја дал како Претседател на Република Македонија, не му дозволуваат да го даде мандатот на Зоран Заев и да си дозволи да ја доведе Македонија во подредена состојба и зависност од друга држава.

– Мојата заклетва се разликува од другите  јавни функции и таму стои дека јас морам совесно и чесно да ја обавувам функцијата Претседател на Република Македонија. Да ги почитувам Уставот, законите, но и територијалниот интегритет, сувереноста и независноста на државата, вели Иванов во интервјуто за  ХТВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top